Реформите во правосудството - приоритет  
     
 

15.11.2006

 
 

Министерот за правда, Михајло Маневски денеска имаше средба со Франческо Марија ди  Мајо, проект менаџер на Модулот четири во рамките на проектот КАРДС 2003, Доменико Аирома, судија и советник при италијанскиот Парламентарен комитет за борба против еко-мафијата и Џованела д Андреа, соработник.

          На средбата стана збор за активностите што ги презема Министерството за правда во рамките на реформата на правосудниот систем.

Министерот Маневски рече дека во овој период особено внимание се посветува на имплементацијата на донесените закони. Тој посебно се осврна на значењето на денешниот избор на осум членови на Судскиот совет на Република Македонија од редот на судиите, што се одвива за прв пат на непосредни и тајни избори на кои гласаат судиите, што може да се оцени како историски. Министерот Маневски потенцира дека овие избори имаат големо значење  и од аспект на јакнење на независноста на судството и неговото ослободување од било какви политички влијанија.

Министерот Маневски ја потенцираше и цврстата определба на Владата на Република Македонија за целосно квалитативно и квантитативно спроведување и унапредување на реформите. Во таа насока, рече тој, е и подготовката на новите закони за Јавното обвинителство, како и јакнењето на единицата за борба против организираниот криминал во обвинителството.

Франческо Марија ди Мајо рече  дека во борбата против организираниот криминал  ќе помогне и италијанското Министерство за правда, преку  експертска помош во дефинирањето на делата од областа на еко-мафијата.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk