Почна обуката на четвртата генерација кандидати за судии и јавни обвинители  
     
 

15.09.2010

 
 

МИА - Нови девет кандидати за судии и јавни обвинители од четвртата генерација денеска ја почнаа обуката во Академијата за обука на судии и јавни обвинители на Република Македонија. Со оваа генерација во Академијата се запишани 80 кандидати, од кои досега четириесеттина се избрани за судии и јавни обвинители низ Републиката.

- Функционирањето на Академијата е значаен чекор на Македонија кон современите достигнувања на Европа во областа на правосудството и вградување на меѓународните стандарди во оваа област. Во Академијата судиите и обвинителите стекнуваат нови знаења и искуства за нивната значајна и одговорна професија, истакна во своето обраќање министерот за правда Михајло Маневски.

Високото стручно знаење и етичките кодекси, како што потенцира тој, се основните компоненти на секој судија и јавен обвинител што претставува еден од передусловите за независно и ефикасно судство и јавно обвинителство.

Со примената на Законот за Академијата судии и јавни обвинители се зголемуваат професионалните капацитети на судиите и јавните обвинители, рече Маневски и додаде дека тоа е резултат на сеопфатната обука која се состои во теоретски и практичен дел кој се изведува под менторство на најискусните судии и јавни обвинители во Македонија.

Министерот за правда потсети дека во јули оваа година беше донесен новиот Закон за  Академијата судии и јавни обвинители во кој се вградени решенија чија цел е создавање висок профил на стручен кадар за вршење на функцијата судија и јавен обвинител.

Новиот Закон за Академијата предвидува  одредени мерки за оние судии и обвинители кои завршиле обука на Академијата, а не се пријавуваат на објавените конкурси. - Како ќе се ослободуваат местата во судовите така ќе се врши изборот од кандидатите од првата, втората, третата генерација кандидати од Академијата. Доколку кандидатот не се пријави тогаш тој ќе го губи својството на судија и јавен обвинител и ќе биде задолжен да ги надомести трошоците кои се вложени за неговата едукација, рече Маневски.

Пред присутните се обрати и директорката на Академијата за обука на судии и јавни обвинители судија Анета Арнаудовска, која нагласи дека со новиот Закон за Академијата се очекува зголемување на квалитетот  и ефикасноста при изборот  на судии и јавни обвинители заснован на мерит системот.

- Македонија континуирано ги следи препораките и насоките за креирање обука по европски стандарди содржани во сите меѓународни документи, додаде таа.

На новите кандидати за судии и јавни обвинители Арнаудовска им порача да учат и да се развиваат за, како што додаде, утре достојно да ја вршат функцијата и да придонесат за развојот на правосудниот систем што е клучен приоритет за пристапување кон Европската унија.

На денешната свеченост присуствуваа и претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски и претставници на Судскиот совет и на Советот на јавните обвинители на Република Македонија.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk