Маневски: Со измените и дополнувањата на четири закони ќе се обезбеди поефикасно и помодерно судство  
     
 

16.09.2010

 
 

МИА - Заради обезбедување конзистентност на законските решенија во областа на судството Министерството за правда изготви измени и дополнувања на Законот за судовите, на Законот за Судскиот совет, на Законот за судскиот буџет и на Законот за судската служба.

Најзначајните новини во наведените закони, како што посочи министерот за правда Михајло Маневски на денешната прес-конференција, се воведувањето систем на кариера во напредувањето на судиите, подобрување на системот за дисциплинска одговорност и утврдување нестручно и несовесно вршење на работата на судиите преку воведување објективизирани и мерливи критериуми, зголемување на транспарентноста во работењето на судовите и подобруање на финансирањето на судството преку утврдување фиксен процент на Судскиот буџет во однос на БДП, кој ќе изнесува 0,8 проценти.

Министерот за правда верува дека со измените и дополнувањата на овие закони ќе се обезбеди поефикасно и помодерно судство.

Овие закони се доставени до Собранието на Република Македонија и се закажани за во прво читање за 27-ми овој месец.

Со измените и дополнувањата на Законот за судовите од 1 јануари 2012 година за судии во основните судови ќе можат да се кандидираат лица кои ја завршиле Академијата за обука на судии и јавни обвинители, а унапредувањето во повисоките судови ќе биде само од пониските судови.

- Со ова ќе се гради систем на кариера, кој ќе се заснова на објективна оценка на судиите. Ако се укинат повеќе од 20 проценти од пресудите или се изменат 30 отсто од пресудите донесени од страна на еден судија, тоа може да биде основа за поведување на дисциплинска постапка, рече Маневски. За судење во неразумен рок пак на судиите им се заканува разрешување.

Квалитетот на вршењето на функцијата, како што рече министерот, значи исполнување на неколку критериуми, како познавање на странски јазик, воведување психолошки тестови и тестови за интегритет.

Во измените и дополнувањата на Законот за судовите, Маневски посочи дека се воведува ново начело на транспарентност што значи во рок од два дена судијата да ја објави пресудата на веб страницата и во секој суд да се отвори канцеларија за односи со јавноста, каде граѓаните ќе може да добијат информација за остварување на своите права.

За да се зголеми ефикасноста на судовите ќе се прошири нивната надлежност и со новите измени и во основните  судови со основна надлежност ќе може да се решаваат предмети со вредност на спор до 50.000 евра. - На тој начин ќе се скратат трошоците на граѓаните кои за поголеми судски спорови од над 15.000 евра мора да патуваат во други градови, рече министерот.

Со измените се намалува и судската ферија на еден месец, наместо како што е до сега месец и половина.

Со Законот за судовите се предвидува основање на Виш управен суд, кој ќе одлучува по жалбите на одлуките од Управниот суд.

Со новите измени на Законот за судовите ќе се смени и старосната граница на поротниците и наместо досегашното заминување во пензија на шеесетгодишна возраст, поротниците ќе можат да работат до 64 години старост, нагласи Маневски.

- Новите поротници во судовите ќе мора да бидат со академско образование и наместо да заминуваат во пензија на 60 години, ќе можат да работат до 64. годинишна возраст. Овие измени ќе почнат да се применуваат во 2016 година, а дотогаш при изборот на поротници ќе имаат предност граѓани кои имаат високо образование, појасни Маневски. 

Со измените и дополнувањата на Законот за Судски совет, како што нагласи Маневски, се вградуваат одредби кои се однесуваат на работењето на Судскиот совет кога се поведува дисциплинска постапка или се постапува за нестручно и несовесно работење на судиите.

Судскиот совет, со измените на Законот за Судскиот совет, добива надлежности кои досега беа уредени со двата правилника, за кои, пак, Уставниот суд на Република Македонија поведе постапка за оценување на нивната уставност.

- Уставниот суд смета дека тоа треба да биде уредено со закон и токму поради тоа во Законот за Судскиот совет се вградуваат одредбите кои се однесуваат на работењето на Судскиот совет, кога се поведува дисциплинска постапка или постапка за нестручно и несовесно работење, истакна министерот за правда.

Со овие измени, како што додаде, не и се пркоси на одлуката на Уставниот суд да поведе постапка за оценка на уставноста на одредени одредби во правилниците врз основа на кои беа разрешени околу 40 судии.

Седниците на Судскиот совет на кои ќе се одлучува за поведување дисциплинска постапка од сега, па натаму ќе бидат отворени за јавност, освен одредени седници кои ќе бидат затворени заради заштита на лични податоци.

Измените и дополнувањата, пак, на Законот за судски буџет, како што рече министерот за правда, обзебедуваат независен судски буџет, со издвојување одреден процент од Бруто домашниот производ, со што судството би стекнало комплетна независност и би се заокружиле судските реформи.

- Тоа е двојно повеќе отколку што е сега, бидејќи сегашниот процент на финансирање на судовите изнесува 0,4 проценти од БДП. Интенцијата на Владата е двојно да се зголемат средствата  за судовите, што  ќе влијае врз независноста и самостојноста на судството, рече Маневски и додаде дека законот предвидува кога ќе се врши ребаланс на буџетот средствата за судската власт да не подлежат на промена. - Тоа е една гаранција дека државата обезбедува стабилни извори на финансирање на судската власт. Во наредните три години треба да се постигне фиксниот процент на финансирање на судската власт од 0,8 проценти, нагласи Маневски.

Со измените и дополнување на Законот за судската служба, меѓу другото се зајакнува положбата на судскиот администратор во одлучувањето за правата, обврските и одговорностите на судските службеници и се уредува постапката за вработување во судската служба.

Маневски посочи дека се воведува вработување врз основа на интерен оглас, кариерен додаток, оценување на судските службеници за секои шест месеци, како и прашањата на судската полиција, работа во ноќна смена, работа на празници...Овој закон ќе се применува од 1 јануари 2011 година. 

Предлог - Закон за изменување и дополнување на Законот за судовите

Предлог - Закон за изменување и дополнување на Законот за судскиот буџет

Предлог - Закон за изменување и дополнување на Законот за Судскиот совет на Република Македонија

Предлог - Закон за изменување и дополнување на Законот за судска служба

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk