Пуштен во употреба реновираниот дел од Полуотвореното одделение во КПД Идризово  
     
 

21.09.2010

 
 

 (МИА) - Министерот за правда Михајло Маневски денеска  ги пушти во употреба реновираните простории на полуотвореното одделение во КПД Идризово - активност предвидена со Програмата на Владата за финансирање на изградба, реконструкција, одржување на објекти и опремување на казнено-поправните и воспитно-поправните установи за 2010 година.

Во реновираните простории  со вкупна површина од 532 метри квадратни ќе се сместат 112 лица распоредени во 19 соби, со што се обезбедува простор од девет кубни метри што е во согласност со меѓународните стандарди.

- Инвестицијата за реконструкцијата и преадаптацијата на објектот изнесува 6.881.005 денари, финансиски средства обезбедени од Управата за извршување на санкциите при Министерството за правда, рече Маневски.

Тој појасни дека е извршено целосно реновирање на објектот, кој опфаќа реконструкција на 19 соби за престој, целосна реконструкција и опремување на санитарните јазли и изградба на нови, изградба на просторија за службените лица, замена на комплетната столарија, електричната инсталација, подовите, таваните, хоризонтална и вертикална хидроизолација, изградба на септичка јама, нова водоводна мрежа и фекална канализација, реновирање и замена на кровна конструкција, обработка и реконструкција на надворешна фасада на објектот и оградниот ѕид, партерно уредување на просторот во дворот и околу објектот. Објектот е опремен со кревети, нови душеци, постелнина, нови шкафови, како и потребен инвентар за трпезариските потреби.

- Со реализација на проектите за реформа во пенитенцијарниот систем целосно се менува ликот на затворите во Македонија. Се обезбедуваат услови за функционирање и хумано постапување со осудените лица и создавање оптимални услови за престој и работа на осудените и вработените во затворите, истакна Маневски.

Проектот за реконструкција на казнено-поправните установи во Македонија опфаќа обнова, реновирање и изградба на нови објекти во КПД Идризово, ВПД Тетово, затворот Скопје и затворот Куманово. Маневски рече дека тоа ќе се реализира за период од околу три години, а финансиската конструкција ќе изнесува околу 46 милиони евра.

- Со Проектот предвидено е проширување на КПД Идризово со изградена површина од околу 43.000 метри квадратни, а сегашниот капацитет од 900 места ќе се зголеми за 1.510 лица, истакна министерот за правда.

Директорката на Управата за извршување на санкциите Лидија Гавриловска рече дека реконструкцијата на казнено-поправните установи се врши со средства од заемот од Банката за развој на Советот на Европа и најави дека во почетокот на 2011 година со средства од ИПА фондовите ќе се започне со изработка на национална стратегија за развој на затворскиот систем.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
-->
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk