Министерот Маневски ги додели првите решенија за бесплатна правна помош  
     
 

22.09.2010

 
 

(МИА) - Министерот за правда Михајло Маневски денеска ги додели првите шест решенија на адвокати и странки за остварување на правото за бесплатна правна помош, со што почна практично примената на Законот за бесплатна правна помош.

Од вкупно 29 барања за остварување на правото за бесплатна правна помош, пет се за решавање на имотно-правни спорови, а едно барање е поднесено од жртва на семејно насилство. Сите тие се корисници на социјална помош.

- Со примената на Законот за бесплатна правна помош се уредува правото на пристап до правдата. Правдата не смее да биде загрозена доколку граѓанинот нема материјални средства, изјави министерот Маневски на доделувањето на решенијата.

Согласно Законот, граѓаните можат сами да го изберат адвокатот кој ќе ги застапува од вкупно 164-те регистрирани во Регистарот на овластени здруженија. Трошоците за нивната работа ги се покрива од државниот Буџет, за што годишно се одвојуваат 12 милиони денари.

Маневски истакна дека корисници на бесплатна правната помош можат да бидат социјално загрозени лица, корисници на инвалидски додаток, корисници на најниска пензија што издржуваат две или повеќе лица, семејства и самохрани родители кои остваруваат право на детски додаток.

Корисниците на бесплатна правната помош се државјани на Република Македонија со постојано живеалиште во државава.

За добивањето на помошта, меѓу другото, треба да имаат потврда дека се корисници на социјална помош, потврда од Агенцијата за вработување, потврда од Централен регистар за непоседување на имот и фирма.

Оваа правна помош ќе се нуди од подрачните единици на Министерството за правда во 34 општини во земјата.

Од стапувањето во сила на Законот од 7 јули 2010 година, а заклучно со 21-ви овој месец поднесени се 189 барања од адвокати за запишување во Регистарот на овластени здруженија. Од нив се запишани 164 адвокати, а останатите апликации се во процедура. 

На доделувањето на решенијата присуствуваше и претседателот на Адвокатската комора на Република Македонија Ненад Јаниќевиќ, кој рече дека проектот за бесплатна правна помош Комората го започнала во 2003 година, кога биле прогласени за хумнисти на годината.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk