Регионална Kонференција - Злосторничко здружување, поим, дефиниција, карактеристики и примена на посебни истражни мерки  
     
 

23.09.2010

 
 

            Во организација на Здружението на јавните обвинители во Република Македонија и Академијата за обука на судии и јавни обвинители, а со подршка на Програмата ОПДАТ и ОБСЕ денеска во Струга започна дводневна регионална  конференција на тема-  Злосторничко здружување,поим, дефиниција, карактеристики и примена на посебни истражни мерки.

            На Конференцијата се обрати и министерот за правда Михајло Маневски кој нагласи дека Република Македонија ги следи глобалните трендови во справувањето со организираниот криминал,при што ги истакна активностите на Министерството за правда во областа на реформата на казненото право, која претставува досега најтемелна и најсеопфатна реформа на казненото право во Република Македонија. Имено,рече Маневски во 2007 година Владата на Република Македонија усвои Стратегија за реформа на казненото право, а предвидените активности во Стратегијата денес се целосно реализирани.

            Во рамките на првиот сегмент на реформата на казненото право, рече Маневски ,беа усвоени Измени и дополнувања на Кривичниот законик во септември 2009 година во насока на приближување на казнено – правниот систем на Република Македонија до европските стандарди.              

            Кривичниот законик на Република Македонија во делот на „Значење на изразите“ од член 122 дефинира дека „Под група, банда или друго злосторничко здружение или организација се подразбираат најмалку три лица кои се здружиле за вршење кривични дела, во кој број влегува и организаторот на здружението.“

            Со оглед на проблемите со кои се соочуваа практичарите, истакна Маневски , дилемите во кривичните постапки, како и препораките на меѓународните организации, како ГРЕКО и МОНИВАЛ, беше извршена интервенција во материјалното кривично законодавство. Последните особено важни измени на Кривичниот законик беа донесени во септември 2009 година („Службен весник на Република Македонија“ број 114 од 14.09.2009 година). Така, членот 122 од Кривичниот законик беше дополнет со дефинирање на поимот „повеќе лица“ кој подразбира „најмалку три  или повеќе лица кои се здружиле за вршење на кривични дела.

             Зборувајќи за вториот сегмент на реформата на казненото право кое  ја опфаќа реформа на казненото процесно право во рамки на која е Изготвен нов Предлог - Закон за кривична постапка сега се наоѓа во собраниска процедура, предлог законот нагласи Маневски  е целосно усогласен со меѓународните и европските стандарди.                   Предлог-законот предвидува измени не само во структурата на претходната и судската постапка, туку и во надлежностите и организацијата на главните учесници во постапката. Исто така, предвидена е и нова поактивна улога на јавните обвинители во претходната постапка рече Маневски.

              Посебно внимание министерот Маневски посвети на посебните истражни мерки. Денеска рече тој посебните истражни мерки претставуваат ефикасен правен инструмент во борбата против организираниот криминал и корупција. При нивното дефинирање, особено е битно да се води сметка за рамнотежата меѓу слободите и правата на човекот и граѓанинот од една страна, а од друга страна ефикасноста во справувањето со најсофистицираните облици на криминал.

               На крајот на своето излагање министерот Маневски нагласи дека правната рамка е исклучително битен сегмент и главен предуслов за успешно справување со организираниот криминал , но  практичното делување и соработката меѓу надлежните државни органи на државите во регионот е од пресудно значење во борбата против ова зло на денешницата.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk