Министерот Маневски им додели повелби на новоименуваните извршители и нотари  
     
 

24.09.2010

 
 

(МИА) - Министерот за правда Михајло Маневски денеска им ги врачи повелбите на 13 новоименувани нотари и пет извршители. Со ова на територијата на Македонија нотарска функција извршуваат 172 нотари, а извршителски услуги дава 81 извршител.

Постојаното зголемување на бројот на нотарите и извршителите, според министерот Маневски, се прави согласно правилниците, но и поради зголемувањето на нивните надлежноси и потребите на граѓаните.

- Со измените на законите се даваат нови надлежности и на нотарите и на извршителите. На таков начин се растоваруваат судовите за да можат да решаваат за спорни случаи и предмети, а нотарите и извршителите ќе ги решаваат работите кои се во нивна надлежност, истакна Маневски.

Тој додаде дека најновата надлежност која им била доделена на нотарите биле оставинските постаки и тие успешно ја извршувале.

- Согласно измените на Законот за извршување од 1 септември 2011 година кај извршителите ќе поминат и платните налози за предмети за наплата на побарувањата за неплатени услуги, истакна министерот за правда. Тој апелираше за извршителски места да се јавуваат поголем број кандидати-Албанци, бидејќи многу малку се јавиле на досегашните конкурси.

Запрашан за мислење во врска со постапката што ја поведе Уставниот суд на сопствена иницијатива за некои одредби од повеќе закони со кои се регулираат платите на носители на јавни функции, а со кои според Судот се руши системот на плати и создава нееднаквост, Маневски посочи дека има законска забрана за намалување на платите на судиите и оти затоа се јавува разликата во основицата за пресметување на плата на избрано и именувано лице и на судиите.

- Платите на судиите не можат да се намалат со закон. Иако се намалија платите на извршителите на јавни функции, на министрите, на пратениците и на други избрани и именувани лица, не се намалија платите на судиите бидејќи постои законска забрана за намалување на нивните плати, рече Маневски и додаде дека тоа е таа разлика што се појавува во основицата за пресметување на платите на избраните и именуваните лица со разликата за платите на судиите.

За првпат во последните неколку години на сопствена иницијатива Уставниот суд поведе постапка за одредби од пет закони донесени на 20 јули 2010 година кои се однесуваат на плати на носители на јавни функции  на избрани и именувани функционери, судии, јавни обвинители, и на членовите на Советот на јавни обвинители.

Законот за плата на избрани и именувани лица определувал износ на основица од 23.153 денари, додека во другите четири закони основицата на плати на наведените четири категории и изнесува 25.726 денари.

Определувањето на различен износ на основица, според Судот кој имал предвид дека мерките за платите се донесени во услови на економска криза, значи дека носителите на јавни функции не се во еднаква положба во носењето на товарот од кризата, со што се нарушува системот на плати, што не е во согласност ниту со еднаквоста, ниту со владеењето на правото.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk