Конференција за интегрирање на праксата на Европскиот суд за човекови права во националното законодавство  
     
 

01.10.2010

 
 

 (МИА) - Република Македонија ги цени активностите кои досега се преземени во рамки на претходните претседателства со Комитетот на министри во насока на подобрување на системот за ефективна заштита на човековите права и во подобрувањето во работата на Европскиот суд за човекови права. Ова го истакна министерот за правда Михајло Маневски денеска во Скопје на отворањето на дводневната конференција на тема: „Зајакнување на субсидијарноста: Интегрирање на праксата на Европскиот суд за човекови права во националното законодавство и праксата на домашните судови“, посветена на принципот на субсидијарност во примената на Европската конвенција за човекови права и основни слободи.

Тој посочи дека Декларацијата од Интерлакен која е усвоена во февруари годинава ги одредила конкретните мерки кои треба да се преземат на национално ниво, на ниво на Комитетот на министри и од страна на самиот Суд, во насока на постигнување на посакуваните резултати од кои најмногу полза ќе имаат европските граѓани.

Принципот на субсидијарност, како што посочи министерот, претставува основа врз која е изграден контролниот механизам на Европската конвенција за човекови права.

- Парламентите, владите и судовите имаат фундаментална улога во гарантирањето и заштитата на човековите права на национално ниво. Националните судови и домашните органи, според Маневски, генерално треба подобро да се позиционирани да одлучуваат за мерките во определени области, да ги антиципираат проблемите и да соработуваат со други национални институции со цел за поефикасно решавање на проблемите. На тој начин, како што додаде, улогата на Судот во Стразбур добива контролна димензија за примената на човековите права.

Мерките преземени на национално ниво, според Маневски, треба да овозможат ефективни домашни лекови, да го зајакнат националниот правен поредок и да го донесат поблиску до усогласеноста со Конвенцијата и правната практика на Судот.

Тој пред учесниците на конференцијата посочи дека Македонија во 2008 година прифати многу значајно решение со измени во Законот за судовите со тоа што за првпат во правниот систем на Република Македонија се овозможи директна примена на правилата и практиката на Европскиот суд за човекови права од страна Врховниот суд на Република Македонија при одлучување за судење во разумен рок. Врховниот суд на Република Македонија, како што рече Маневски, досега постапувал во над 500 барања на македонските граѓани поради тоа што сметале дека им е повредено правото за судење во разумен рок.

- Тоа значи 500 барања помалку пред Европскиот суд. Од Врховниот суд усвоени се над 100 или околу 20 отсто од барањата што е просек кој е соодветен со тој на Европскиот суд, додаде тој.

Македонскиот министер за правда изрази надеж дека заклучоците кои ќе се сублимираат на крајот на конференцијата и ќе ги презентираат во Измир во 2011 година во рамките на турското претседателство ќе бидат показател на заедничките определби и напори да се овозможи успешна реформа на системот на Конвенцијата и Европскиот суд за човекови права.

Во рамки на конференцијата, денеска  на прес конференцијабеше промовирана книга на пресуди од Европскиот суд за човекови права, објавена на македонски јазик, чија цел е да им ја приближи на домашните институции практиката на Европскиот суд за човекови права.

Министерот Маневски примероци од книгата им врачи на Директорот на Генералниот директорат за човекови права г. Филип Боила,  на претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски, претседателот на Здружението на судиите Николчо Николовски, на Насер Хајдари заменик претседател на Советот на Јавни обвинители, на директорот на Академијата на судии и јавни обвнители Анета Арнаудовска и на Радица Лазаревска Геровска.

На конференцијата,  присуствуваат судии од Европскиот суд за човекови права, претставници од Венецијанската комисија, од Генералниот секретаријат, Парламентарното собрание и од други тела на Советот на Европа, како и претставници од министерствата за правда и за надворешни работи, од домашните правосудни органи, Собранието на Република Македонија и од невладиниот сектор. 

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk