Средба во Министерството за правда: Маневски го информираше Наумовски за реформите во судството во пресрет на Извештајот на ЕК  
     
 

05.10.2010

 
 

(МИА) - Конечно во македонското судство се спроведуваат темелни реформи кои ќе гарантираат суштински резултати, изјави вицепремиерот задолжен за европски прашања Васко Наумовски по денешната средба со министерот за правда Михајло Маневски.

Маневски го информираше Наумовски за досега реализираните, сегашните и идните активности предвидени со Националната програма од областа на правосудниот систем. Сите закони кои имаат европски предзнак се подготвени, некои се веќе во процедура, а поголемиот дел се донесени.

Зголемената ефикасност, зголемените стандарди за идните судии и обвинители, зголемениот буџет, воведувањето систем на кариера, бесплатната правна помош, реконструкцијата на судските згради и затворите, постојаните обуки, како и целосната компјутеризација се само дел од реформите во судството спроведени изминатиов период.

- Резултатите се видливи, несомнени и не можат да се оспорат. Никогаш порано не било толку вложувано финансиски и од каков било друг аспект во судството, оцени Наумовски.

Според него, реформите не се прават заради некој од Брисел или заради некаква препорака од Европската унија, туку заради државата воопшто и придобивките за граѓаните. Вицепремиерот очекува реализираните активности во областа на правосудниот систем да бидат објективно вреднувани од Европската комисија.

- Реформите секако имаат противници, тоа се оние кои не сакаат професионално, независно и ефикасно судство, но нас како Влада нема ништо да не поколеба во определбата да ги спроведеме, рече вицепремиерот.

Осврнувајќи се на она што Министерството го сработи во изминатите месеци, Маневски напомена дека во однос на 2006 година, бројот на судските предмети е намален за 429.000. Во тек се голем број стручни обуки и семинари, се организираат тематски конференции, продолжува интензивната едукација на кадрите.

- Министерството продолжува со темелните реформи. Се изготвуваат сосема нови решенија кои треба да обезбедат самостојно и независно судство. Се гради систем на кариера, се воведуваат нови принципи при изборот на судиите, се уредуваат квалитативните и квантитативните критериуми за вршење на судската функција, двојно се зголемуваат средствата за работа на судовите од 0,4 на 0,8 отсто од бруто домашниот производ, подвлече Маневски.

Како посебно значајни проекти, министерот ги посочи законите за кривична и за парнична постапка. Првиот, како што нагласи, поставува сосема нови основи и му обезбедува доминантна полжба на јавниот обвинител, а вториот ќе стави крај на досегашната пракса парничните постапки и граѓански предмети да траат со години. Предметите во апелациските судови треба да се решваат во рок од шест месеци, а во Врховниот суд за осум месеци, рече Маневски.

Една од заложбите на Министерството и натаму останува борбата против корупцијата и организираниот криминал, како и имплементирањето на одредбите за конфискација на имотот.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk