Oзначен почетокот на проектот „Правда за децата“  
     
 

08.10.2010

 
 

 (МИА) - Околу 3.000 деца во Македонија, според податоците од Државниот завод за статистика, се во судир со законот, а 22.000 деца пак се во ризик да дојдат во судир и контакт со законот, бројка која би требало да се намали со спроведувањето на проектот „Правда за децата“, чиј почеток беше означен денеска во ЕУ инфо центарот во Скопје.

Проектот, како што рече евроамбасадорот Ерван Фуере, се потпира на три столба -подобрување на нормативната рамка, јакнење на капацитетите и превенција што ќе придонесе да се усвојат и применат соодветните постапки и програми кои се неопходни за остварување на правата на децата.

- Овој правен систем се темели на превенција и рехабилитација наместо казна, дека најдобриот интерес на детето е од примарна важност, ги зема во предвид индивидуалните околности на престапникот за да се обезбеди соодветен третман, воведува специфични процедури кои ги штитат детските права и ја користи мерката притвор како последна опција, истакна Фуере.

На ниво на ЕУ, како што додаде, особено внимание се посветува на децата кои се жртви на сексуална злоупотреба  и на трговија со луѓе.

- Превенцијата за заштита на децата од виктимизација и криминализација се основните цели на реформата содржана во Законот за малолетничка правда, кој се применува од јуни минатата година, рече министерот за правда Михајло Маневски.

За постигнување на оваа цел, како што додаде, и во најдобар интерес на детето, надлежните органи во своето постапување ја применуваат ресторативната правда и им даваат приоритет на превентивните заштитни и воспитни мерки, а лишувањето од слобода на малолетникот се предвидува како последно средство.

Маневски рече дека во тек е постапка за изработка на проектна документација за изградба на нов Воспитно-поправен дом  во Тетово со капацитет од 84 места, на површина од 2.640 квадратни мерки, кој се очекува да заврши кон крајот на 2011 година.

Собранието на Република Македонија на 4-ти овој месец донесе Закон за ратификација на Конвенцијата на Советот на Европа против сексуалната злоупотреба и експлоатација на деца.

 - Во рамките на усогласувањето на македонското законодавство со оваа Конвенција, со измените на Кривичниот законикв о 2008 и 2009 година се воведени  кривичните дела, производство и дистрибуција на детска порнографија преку компјутерски систем, намамување на обљуба или друго полово дејствие на малолетник кој не наполнил 14 години, рече Маневски и додаде дека во пракса на судовите веќе се изрекуваат предвидените казни за овие дела во траење од 15,14, 12 и 10 години затвор.

Според министерот за правда, меѓу другото потребно е јакнење на капацитетоте на центрите за социјална работа, образовните институции и невладините организации и формирање на локални совети за превенција на малолетничкото престапништво.

Претставникот на УНИЦЕФ во Македонија Шелдон Јет посочи дека стартот на овој проект е токму во „Неделата на детето“ и дека интерест за правен систем по мерка на децата треба да биде од примарна важност.

- Државите треба да имаат посебен систем на правда за децата, различен од оној за возрасните. Овој систем трреба да биде фокусиран за рехалибитација и реинтеграција, истакна Јет.

Младите луѓе, како што рече, треба да преземат одговорност за она што го сториле, но тоа не значи и затворска казна. - Лишувањето од слобода треба да се применува како последна мерка со најкусо можно времетраење, додаде тој.

Двегодишнит проект во износ од 800.000 евра ќе придонесе кон поширока реформа на кривично-правниот систем во Македонија. Тој е финансиран од ЕУ во рамките на Инструментот на претпристапна помош во износ од 700.000 евра и ко-финансиран од УНИЦЕФ во износ од 100.000 евра, кој и го спроведува проектот.

Говор на г-дин Михајло МАНЕВСКИ, Министер за правда

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk