Почна изградбата на зградата на Јавното обвинителство и Управата за финансиска полиција  
     
 

11.10.2010

 
 

(МИА) - Јавното обвинителство и Управата за финансиска полиција ќе добијат своја зграда. Изградбата на објектот почна денеска, а ја означиja премиерот Никола Груевски и министерот за правда Михајло Маневски. 

Лоцирана е на кејот на Вардар во комплексот на државни органи. Објектот ќе биде со површина од 9.620 метри квадратни. Ќе има кружна форма, која ќе се вклопува во амбиентот. Изградбата треба да заврши за 12 месеци. Средставата за реализација на овој проект ги обезбеди Владата во висина од 813 милиони денари. Работите ги изведува „Бетон“.

Според премиерот Никола Груевски, со изградбата на оваа зграда ќе се реши еден долгогодишен просторен проблем на овие државни органи, а воедно се постапува и по бројните меѓународни препораки кои укажуваат дека не е добро јавното обвинителство и судовите да бидат сместени во исти згради како што е состојбата кај нас, туку треба да бидат одвоени. 

 - Инвестирањето во нови објекти, модернизација и подобрување на опременоста на институциите, а со тоа и подобрување на условите за работа на вработените во нив, претставува еден од најважните предуслови за нормална, високо функционална и ефикасна работа на државните институции, истакна премиерот Груевски обраќајќи се на поставувањето камен-темелник на новиот објект.

Тој изрази жалење што со години наназад многу државни институции немаат адекватни просторни услови за работа и оти нивното функционирање во различни објекти не само што создава тешкотии од технички проблем и врз ефикасноста во извршувањето на работата, туку го чини и буџетот затоа што за многу од просториите во кои функционираат инститиуциите се плаќаат високи кирии. - Доколку сите тие средства овие години наназад се искoристеле за градба на нови објекти, досега многу институции ќе функцинираа во сопствени. Но за сите овие проблеми во минатото најверојатно многу малку се размислувало и состојбите се онакви какви што се, рече премиерот Груевски.

Тој истакна дека Владата во изминатиот период почна со градба на повеќе капитални објекти во кои ќе се сместат дел од државните инститиуции и со тоа ќе се решат и нивните долгогодишни проблеми.

Премиерот потенцира дека покрај предностите за условите за работа на институцијата од изградбата на новата зграда и од сите капитални објекти кои ги има почнато Владата има и градежништвото и други стопански гранки кои се поврзани директно или индиректно со проектите.

- На овој објект постојано ќе работат голем број работници, како на главната компанија изведувач, така и на најмалку 20 други фирми кои се јавуваат како подизведувачи, или на друг начин се поврзани со проектот. Се проценува дека секојдневно меѓу 150 и 200 луѓе ќе оствarуваат доход само од овој проект, рече премиерот и додаде дека многу македонски семејства обезбедуваат егзистенција преку ангажирање во проектите што ги реализира Владата, а тоа претставува и поддршка на градежништвото во услови на криза кое ја изгуби работата надвор.

Министерот Маневски потенцира дека прв пат во Македонија се гради посебен објект за јавното обвинителство и оти  заедно со веќе почнатата изградба на објектот за Кривичниот суд за една година се обезбедуваат 18.500 метри квадаратни простор за судството.

Тој рече дека со новата зграда ќе се создаде можност за прифаќање на новите услови од новиот закон за кривична постапка и додаде дека ниту една Влада не посветила толку грижа и средства за да обезбеди услови за работа во правосудниот систем.

Со сите инвестиции и реформи спроведени во судството, министерот Маневски потенцира дека e постигнато намалување на приливот на нови предмети за 22 отсто и на заостатокот на стечaјаните предмети за 80 отсто и на кривичните за 50 отсто.

Јавниот обвинител Љупчо Шврговски ги поздрави напорите на Владата што оцени да ја почне градбата на овој објект во услови на светска економска криза.

Според него, најголемиот предизвик за целиот судски систем е новиот закон за кривична постапка, кој подразбира целосна реформа на системот на откривање, гонење и пресудување што бара многу силна поддршка на државата пред се во материјална смисла. Значаен напредок на тој пат, како што истакна, е оваа зграда во која треба да се создадат услови за јавните обвинителство во Скопје. Јавното обвинителство, како што рече Шврговски, е најважниот орган на фронтот на организираниот криминал кој во последните години се отворил на сите нивоa. 

Одговорноста за реализација на проектот е доверена на Службата за општи и заеднички работи на Владата на Република Македонија. Според директорот Васе Доневски тие ќе настојуваат тој да се заврши според предвидената динамика.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk