Во Охрид Регионална конференција посветена на борбата поротив корупцијата  
     
 

15.10.2010

 
 

(МИА) – Темите одбрани за Конференцијата во Охрид - конфискацијата и повратот на имот, финансирањето на политичките партии и етиката во јавната администрација, се едни од најважните теми во рамки на борбата против корупцијата, порача претседателот на ГРЕКО, Драго Кос денеска на Регионална конференција „Борба против корупцијата – Интегративна спрега од домашни и меѓународни активности“, што во рамки на Македонското претседателство со Комитетот на Министри на Советот на Европа се одржува во Охрид

- Посакуваме пораките од оваа конферениција навистина да доведе до практична промена во ставовите на сите влади, да ги земат предвид сите можни средства и мерки што им се на располагање за се стори во тие области. Второто е ниедна земја не може само да се бори против корупцијата, тука мора да постои меѓународна соработка, и тоа практична соработка без формалности, секако во рамките на законодавните одредби, но тоа мора да е соработка што ќе доведе до конкретни резултати, додаде Кос.

Во обраќањето пред медиумите што ја следат работата на собирот беше укажано на потребата од вистинска независност на органите и агенциите задожени за спроведување на мерките во борбата против корупцијата.

- Не е доволно само да се смени законодавството, ниту само да се формираат нови институции за борба против корупцијата и различните форми на криминал. Она што го интересира ГРЕКО е тие промени да доведат до промени во секојдневниот живот . Тоа значи дека институциите мора да имаат и ресурси, персонал, материјални ресурси и специјализирано знаење, за да ја извршуваат работата за кои се формирани, порача претседателот на ГРЕКО, Кос.

За извршниот секретар на ГРЕКО, Волфганг Рау, важноста на пораките од Конференцијата во Охрид е што ги повикуваат властите на сите држави во регионот да ги спровеуваат препораките што произлегуваат од процесот на ГРЕКО и да ги надополнат воведените законодавни мерки со решителни активности, со конкретни акции за спроведување на законските одредби.

- Секако тоа треба да биде не само декларативно, туку реално имплементирано, спроведено на дело, истакна Извршниот секретар Рау.

Инаку, во рамките на оваа Конференцијата беше промовирана книгата што ја издава Министерството за права, „Ратификуваните конвенции на СЕ и ОН за меѓународна соработка во областа на кривичната материја“.

Министерот за правда Михајло Маневски на презентацијата истакна дека публикацијата ќе биде добра алатка на судиите, јавните обвинители, невладините организации, специјализираните органи и тела во применувањето на одредбите од конвенциите, што се составен дел од македонскиот правен систем.

- Сакам да изразам благодарност со СЕ и ЕК што го подржаа издавањето на оваа книга, што ќе остане како трајна придобивка од оваа конференција. Наша намера е сите дискусии и на овој собир во Охрид во иднина да бидат публикувани и на тој начин достапни до пошироката јавност, порача Маневски. 

Во рамки на Конференцијата од страна на министрите за правда на Република Македонија, Црна Гора, Албанија, и Хрватска како и претставниците од Министерствата за правда на Србија и Амбасадорот на Босна и Херцеговина беше потпишана заедничка изјава.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk