Промоција на проектот ИПА 2008 „Понатамошно јакнење на институционалните капацитети на Академијата за обука на судии и јавни обвинители“  
     
 

21.10.2010

 
 

Денеска  во ЕУ- Инфо центарот во Скопје беше отворен Проектот финансиран од Европската унија Понатамошно јакнење на институционалните капацитети на Академијата за обука на судии и јавни обвинители.

На оваа промоција организирана од Делегацијата на Европската унија во Република Македонија и Конзорциумот предводен од Хјуман Дајнамикс – Консалтинг за јавниот сектор, поздравно се обратија Амбасадорот Ерван Фуере, Специјален претставник на Европската унија и Шеф на Делегацијата на Европската унија во Република Македонија, г. Михајло Маневски, министер за правда, г-ѓа Анета Арнаудовска, Директор на Академијата за обука на судии и јавни обвинители и г-ѓа Катја Дормишева, Водач на Проектниот тим.

  Министерот за правда во своето поздравно обраќање информираше дека овој Проект, кој претставува продолжение на КАРДС проектот 2004, не е прв проект во областа на правосудството, кој е поддржан од ИПА. Оваа година, како што потсети министерот Маневски, започна Проектот за поддршка на Управниот суд, Проектот „Правда за децата во соработка со УНИЦЕФ“, се спроведе и Анализа на Стратегијата за реформи во правосудството, а со нетрпение се очекува започнувањето на идните планирани проекти за поддршка на Реформата на кривично правниот систем, поддршка на Управата за извршување на санкции, Судскиот Совет на Република Македонија, Советот за јавни обвинители и Државната комисија за спречување на корупција.

Академијата, континуирано придонесува во реализација на реформата на правосудството, што претставува клучен приоритет.

Во таа насока, досега во рамки на Програмата за почетна обука, спроведени се обуки за 4 генерации со вкупно 81 кандидат. Почетната обука успешно ја завршија вкупно 54 кандидати од Првата и Втората генерација, од кои Судскиот совет и Советот за јавни обвинители досега извршија избор на 24 судии и 14 јавни обвинители, кои веќе професионално ја вршат судиската и јавно-обвинителската функција.  Почетната обука за 17 кандидати од Третата генерација ќе заврши до крајот на оваа година. Истовремено на 15 септември 2010 година започна да се реализира обуката за 9 –те кандидати од Четвртата генерација.

На планот на континуираната обука на судиите и јавните обвинители, Академијата, следејќи ги најновите измени во националната законска легислатива, како и праксите на институциите и телата на Европската Унија и Советот на Европа, ефикасно ги спроведува континуираните обуки за  судиите, јавните обвинители, како и за судските и обвинителските службеници.


           На тој начин, истакна министерот Маневски, создаваме профил на судии и јавни обвинители кои успешно и ефикасно ќе ја вршат судиската, односно обвинителската функција, со квалитетно спроведување на легислативата, што пак претставува гаранција за независно и ефикасно правосудство. 

И понатаму континуирано се работи на јакнење на гаранциите на правосудниот систем.

Така, со новиот Закон за Академија за судии и обвинители се унапредува законската рамка за обезбедување на независност, ефикасност и професионалниот на судството со тоа што се воведоа нови услови за прием на кандидати во Академија, а од 01.01.2012 година сите судии и јавни обвинители ќе бидат избирани од кандидатите со завршена обука на Академијата за обука на судии и јавни обвинители.

Г-ѓа Дормишева со презентација информираше дека цел на Проектот е јакнење на независноста, ефикасноста, професионализмот и стручноста на правосудството преку неговите 4 компоненти: подобрување на системот за изработка на програми за обука, воспоставување на систем за електронско учење (e-learning), поддршка за организацијата на децентрализираната обука и јакнење на капацитетите на Академијата за обука на судии и јавни обвинители во однос на нејзината библиотека и веб страница. За спроведување на овој проект, кој го реализираат Хула енд Компани Хјуман Дајнамикс КГ од Австрија (Hulla & Co. Human Dynamics KG), Асер Институт од Холандија (T.M.C. Asser Institut) и БРЗ Бундесшпрехенцентрум од Австрија (BRZ Bundesrechenzentrum GmbH), обезбеден е буџет со износ од  853 000 евра.

              Активности и резултати постигнати од страна на Проектот се следните: Преглед на постоечките методологии за програми за обука; Проценка на библиотеката и веб страницата на АСЈО; Студија на изводливост за развојот на систем за електронско учење (e-learning) за АСЈО; Изработка на технички спецификации  и тендерска документација за започнување на постапката за набавка на неопходната информатичка опрема и резерви за Академијата за обука на судии и јавни обвинители.


 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
-->
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk