Најава - Европски ден на граѓанската правда  
     
 

22.10.2010

 
 

На 25-10-2010 година - понеделник се одбележува Европскиот ден на граѓанската правда.

Иницијативата за одбележување на овој ден потекнува од Европската комисија и од Советот на Европа кои широко го поддржуваат организирањето на активностите во сите европски држави.

Овој ден земјите членки на Советот на Европа и Европската унија се одбележува со организирање на отворени денови во судовите, средби на судии, извршители, нотари, адвокати и медијатори со граѓаните, давање на информации и совети на граѓаните, симулација на судења, настапи на медиуми на локално и централно ниво и сл.

Република Македонија го одбележува овој настан со низа активности.

По тој повод,

-       од 8.30 часот до 16.30 часот сите Основни и Апелациони судови во Република Македонија и Управниот суд во Скопје  ќе бидат отворени  за граѓаните.

-       10.30 часот, во Врховниот суд на Република Македонија, ќе се одржи Работилница на тема „Резултатите од преземените реформски активности во областа на ефикасноста на правдата и презентирање на проектот за кодификација на граѓанското право“ .

-       13.00 часот во Основниот суд Скопје 1, ќе се одржи симулирано судење за посетителите,  студентите и средношколците.

-       14.00 часот во  општина Ѓорче Петров- пред општината и во

-       16.00 часот во општина Чаир, Министерството за правда ќе организира давање бесплатни правни совети од претставници на Министерството за правда, Адвокатската комора, Комората на извршители, Комората на медијатори и Нотарската комора.

Ваквите активности ке продолжат и на  26 октомври, вторник во општина Шуто Оризари во 10.00 часот и во општина Гази Баба во 11.30 часот.

-       од 11.00 до 15.00 часот  на 25-10-2010 во Подрачните одделенија на Министерството за правда во градовите Берово, Битола, Виница, Валандово, Гостивар, Делчево, Демир Хисар, Кавадарци, Кратово, Крушево, Неготино, Охрид, Прилеп, Пробиштип, Радовиш, Ресен, Свети Николе, Струга, Струмица, Тетово, Велес, Штип и Крива Паланка ќе се организира давање бесплатни правни  совети  на граѓаните од претставници на Министерството за правда, Адвокатската комора, Комората на извршители, Комората на медијатори  и  Нотарската комора .

Пред Министерството за правда и на улицата „Македонија“ на поставените штандови граѓаните ќе можат да добијат информаци за активностите на Министерството за правда во врска со пристапот на граѓаните до правдата согласно Законот за бесплатна правна помош како и за активностите на Министерството за правда во рамките на реформите на правосудниот систем во Република Македонија.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk