Европски ден на граѓанска правда  
     
 

25.10.2010

 
 

 (МИА) - Реформите во судството почнуваат да даваат конкретни резултати. Законската рамка која досега е формирана и се дооформува со уште еден пакет закони што е во фаза на донесување ќе придонесе за едно независно, функционално и квалитено судство во функција на граѓаните и заштитата и остварувањето на нивните права и слободи, оцени министерот за правда Михајло Маневски по денешната работилница за резулатите од спроведените судски реформи, одржана во рамките на одбележувањето на  Европскиот ден на граѓанската правда. 

Според него, континуирано се бележат се подобри резултати во остварувањето на функциите на судството, се гради правна рамка која ќе овозможи поголема независност, ефикасност, а континуирано се подобруваат и материјалните, кадровските и просторните услови. Притоа тој го спомена опремувањето на 11 специјализирани судови, воведување на електронското судство, изградбата на нова зграда на Кривичниот суд и нова зграда за јавното обвинителство...

- Резултатите во судството се видливи. Континуирано за 21 процент се намалуваат судските предмети, се даваат во надлежност на други институции кои можат успешно да ги вршат. Континуирано се решаваат повеќе предмети од приливот така што од 2006 до сега бројот на предмети во судовите е намален за 429 илјади или за 43 проценти. Тоа значи дека во судството се подобруваат состојбите во врска со ажурното вршење на функцијата. Сепак ние постојано говориме дека мора да се почитува начелото на судење во разумен рок за да нема судски постапки кои ќе траат со години. Тоа ќе го обезбеди новиот закон за парнична постапка кој го регулира прашањата на имотно правни односи и со строги рокови за ефикасно завршување на постапката, рече Маневски.

Според него, не може да се каже дека нема можности за уште подобри резултати, но оти веќе е поставена основата која ќе гарантира дека во иднина тие ќе бидат подобри од сегашните.

Маневски, како што рече, добронамерно ги прифаќа сите критики кои одат во насока на унапредување на состојбите во судството. Како такви ги смета и последните забелешки на евроамбасадорот Ерван Фуере.

- Забелешките на Фуере се за изборот на судии и на јавни обвинители од Академијата. Нам ни требаат секаде и судии и јавни обвинители, а не само во Скопје. На два последователни огласи на четири обвинителски места во внатрешноста не се јавува ниту еден кандидат, но тоа ќе се реши со нов закон според кој, изборот ќе се врши по редоследната листа на постигнатиот успех од посетувањето на обуката, а само првите три ќе бираат каде сакаат да ги извршуваат функциите, рече министерот за правда.

И претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски смета дека резултатите од преземените реформи во судството се видливи и притоа посочи на намалениот број заостанати предмети, на растоварувањето на судовите од неспорни судски постапки, подобрените услови за работа во повеќето судови...

Сепак тој истакнува дека и покрај сите преземени мерки, треба и натаму да се посветува внимание на унапредување на професионализмот на судиите и нивната независност од кои зависи функционирањето на целиот систем.

Во рамките на на денешното одбележување на Европскиот ден на граѓанската правда од  8:30 часот до 16:30 часот сите Основни и Апелациони судови во Република Македонија и Управниот суд во Скопје се отворени за граѓаните.

Во Основниот суд Скопје 1 се одржува симулирано судење за посетителите,  студентите  и средношколците.


Денеска во општините Ѓорче Петров и Чаир, а утре и во Шуто Оризари и во Гази Баба   се  организира давање бесплатни правни  совети од претставници на Министерството за правда, Адвокатската комора, Комората на извршители, Комората на медијатори  и  Нотарската комора.

Од 11:00 до 15:00 часот денеска во Подрачните одделенија на Министерството за правда во Берово, Битола, Виница, Валандово, Гостивар, Делчево, Демир Хисар, Кавадарци, Кратово, Крушево, Неготино, Охрид, Прилеп, Пробиштип, Радовиш, Ресен, Свети Николе, Струга, Струмица, Тетово, Велес, Штип и Крива Паланка се организира давање бесплатни правни  совети на граѓаните од претставници на Министерството за правда, Адвокатската комора, Комората на извршители, Комората на медијатори  и  Нотарската комора.

Пред Министерството за правда и на улицата „Македонија“  на  поставените штандови  граѓаните можеа да добијат информаци за активностите на Министерството за правда во врска со пристапот на граѓаните до правдата согласно Законот за бесплатна правна помош како и за активностите на Министерството за правда  во рамките на  реформите на правосудниот систем во Република Македонија.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk