Презентиран лиценциран софтвер за сообраќајни незгоди  
     
 

27.10.2010

 
 

(МИА) - Во Академијата за обука на судии и јавни обвинители денеска се одржа презентација на новиот лиценциран софтвер за сообраќајни незгоди PC - Crash 8,3 Expert (3D), што ќе го користи Бирото за судски вештачења - Скопје.  

Станува збор за програма за симулација на сообраќајни несреќи во кои учествуваат моторни возила, во различни околности на случување. Овој софтвер содржи различни модели за пресметка, како импулс-количество на движење, модел на удар кој се темели на крутост, кинетички модел за реални симулации на движење и модел за временско-просторна анализа.

Новото софтверско решение е донација на Амбасадата на САД во Македонија.

На презентацијата присуствуваше министерот за правда Михајло Маневски, кој рече дека со софтверот се овозможува вршење на сообраќајни вештачења на ефикасен и брз начин и нивно решавање во покус временски период, со скратени трошоци за постапката за вештачење, споредено со досегашните начини на вршење на сообраќајно-технички вештачења.

-Убедени сме дека со примената на овој софтвер ќе се оствари значаен напредок во вештачењата за случените сообраќајни несреќи, особено за оние кои се со смртни последици. Примената на овој софтвер значително ќе ја олесни работата на вештаците при вршење вештачење на сообраќајни несреќи, осигурувајќи придржување кон начелата на стручност, непристрасност, ефикасност и економичност, истакна Маневски.

- Тој додаде дека заради предностите на овој софтвер, тој е застапен при решавањето на сообраќајните несреќи во САД и во земјите-членки на ЕУ.

Пеце Ташевски, директор на Бирото за судски вештачења - Скопје појасни дека софтверот има повеќе можности, како истовремена симулација до 32 возила при учество во една сообраќајна несреќа, база на податоци за сите видови возила произведени во Северна Америка, Европа, Јапонија и Азија, а ЗD камерата служи за прикажување на динамичкиот преглед на несреќата.

Според него, со овој софтвер ќе се намали времето за изготвување на извештај за сообраќајна несреќа за разлика од досега кога сообраќајните вештачења се вршеле рачно, а еден вештак за еден месец можел да изработи до 12 вештачења.


Тој се надева дека со новиот софтвер за 50 отсто ќе бидат поефикасни во сообраќајните вештачења.

Тимоти Фот од амбасадата на САД во Македонија, Меѓународна програма за помош и обука при вршење на кривични истраги (ICITAP) рече дека софтверот ќе му овозможи на Бирото за судски вештачења при Министерството за правда многу поефикасно да ги врши вештачењата на сообраќајните несреќи.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk