СТАПУВА НА СИЛА ДОГОВОРОТ ЗА СУДСКА СОРАБОТКА ПОМЕЃУ РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА И ЕВРОПРАВДА  
     
 

28.10.2010

 
 

Стапува на сила Договорот за судска соработка помеѓу Република Македонија и Европравда со што Република Македонија се здобива со уште еден инструмент за водење на поуспешна борба против организираниот криминал и приближувањето кон Европската Унија.

Министерот за правда Маневски упати официјално писмо до Претседателот на Европравда Алед Вилијамс, во кое извести дека се исполнети сите услови со кои се овозможува стапување на сила на Договорот за соработка помеѓу Република Македонија и Европравда и негово последователно спроведување. Денес, следеше официјална потврда од Европравда дека Договорот може да се применува. 

Република Македонија го потпиша Договорот за соработка со Европравда на 28.11.2008 година со кој се овозможува директна соработка на правосудните органи во Република Македонија и оние од земјите членки на ЕУ во делот на судската соработка во кривичната материја, екстрадицијата и трансферот како и делата на организираниот криминал, вклучувајќи го и тероризмот. Собранието на РМ го усвои Законот за Ратификација на Договорот за соработка помеѓу Република Македонија и Европравда на 15, април 2009 г. Во декември 2009 г. беше спроведена оценска мисија од страна на претставници на Европравда со цел да провери дали и како се исполнуваат предусловите за потпишаниот Договор. На оценската мисија беше утврдено дека процедури во институциите кои имаат надлежност за спроведување на Договорот – Министерството за правда, Јавното Обвинителство на РМ и Дирекцијата за заштита на лични податоци – се спроведуваат во согласност со одредбите на Договорот што беше констатирано и во Извештајот подготвен од страна на надлежните претставници на Европравда.

Институција одговорна за непосредно спроведување на Договорот ќе биде Јавното Обвинителство на РМ во соработка со Министерството за правда. Во наредниот период, ќе се официјализираат контакт точките од надлежните институции за спроведување на Договорот преку кои ќе може да се остварува директна комуникација помеѓу надлежните правосудни органи на Република Македонија и земјите членки на Европската Унија во спречувањето и решавањето на делата на организираниот криминал. Потпишувањето и спроведувањето на овој Договор претставува успешно исполнување на уште една од одредниците во процесот на приближување на Република Македонија кон Европската Унија во делот на Визната либерализација како и Националната програма за усвојување на законодавството на ЕУ.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk