Сиже на пресудата Василковски и 37 останати против РМ (А. 28169/08) објавена на веб страната на Европскиот суд за човекови права  
     
 

29.10.2010

 
 

Жалбени наводи

Пред Европскиот суд за човекови права во текот на 2008 година 38 жалители (во Република Македонија познати како дел од  обвинетите во случајот Змиско Око) ја тужеа државата заради наводни повреди на членот 5 став 1 (в), став 3 и 4 како  и на членот 13 од Конвенцијата.

Едновремено  жалителите побараа и правичен надомест во распон од 500-800 евра на име материјална штета за медицински трошоци за време на притворот, а еден од нив и 2.500 Евра на име изгубена плата заради отсатво од работа.  Секој од жалителите бараше и 5 .000 Евра на име нематеријална штета за претрпена болка и стрес како резултат на притворот. 5 жалители исто така побараа износи помеѓу 10.000 и 12. 000 Евра секој заради смртни случаи на блиските додека тие биле во притвор. Воедно секој од жалителите побара и 2.000 Евра трошоци за постапката пред домашните судови.

Одлука на Судот

Европскиот суд за човекови права со Пресуда од 28 Октомври 2010 година констатираше повреда на членот 5 став 3 од Конвенцијата, а во преостанатиот дел жалбата ја отфрли како недопуштена.

Воедно Судот утврдил дека констатирањето на повредата претставува доволно обесштетување на жалителите.

 Европскиот суд за човекови права на име на трошоци и надоместоци за застапување пред Европскиот суд ја задолжи Владата на РМ во рок од 3 месеци по денот на правосилноста на пресудата да исплати 2000 Евра на сметката на Хелсиншки Комитет.

Во пресудата Европскиот суд за човекови права најде дека одредувањето на притворот за жалителите бил компатибилен со критериумите од член 5 став 1(в) од Конвенцијата, како и тоа дека жалбената постапка за преиспитување на притворот, пропишана со домашниот ЗКП, е ефективна постапка во склад со одредбите на членот 5 став 4 и членот 13 од Конвенцијата заради што го отфрли тој дел од жалбата како недопуштен.

Судот најде повреда по однос на членот 5  став 3 од Конвенцијата ( Секој кој е лишен од слобода или притворен согласно на одредбите од ставот 1 в. од овој член има право да му биде судено во разумен рок или да биде пуштен(а) на слобода во текот на судската постапка. Пуштањето може да се услови со барање на гаранција дека лицето ќе се појави на судењето.) заради тоа што во предметот е одредуван колективен притвор за жалителите врз основа на 3 основа предвидени во законот : опасност од бегство, повторување на делото и влијание на истрагата, притоа  темелејќи се исклучиво на апстрактна опасност не водејќи сметка за индивидуалните околности и прилики за секој од притворените. Понатаму Судот ги ценел и одлуките на домашните судови  кои одлучувајќи за притворот, постојано ја користеле истата формулација употребувајќи идентични зборови во своите решенија, неводејќи сметка за поединечните околности на секој поединечно. Заради тоа Судот нашол повреда исклучиво во делот на членот 5 став 3 од Конвенцијата.

Досудени трошоци и надоместоци   

Судот најде дека жалителите не презентирале докази пред судот дека претрпената материјална штета е предизвикана од најдената повреда, ниту пак најде оправданост за доделување на средства по тој основ. По однос на нематеријалната штета Судот најде дека донесената пресуда претставува доволно обесштетување  за жалителите. По однос на бараните средства на име трошоци, Судот забележа дека жалителите не доставиле докази или поединости за нивните барања, како и тоа дека  бараниот износ бил прекумерен. Заради тоа Судот одлучи на име трошоци да додели износ од 2000 Евра кои Владата треба да ги префрли на сметкатата на Хелсиншки комитет во рок од 3 месеци по правосилноста на пресудата.

Интегрален текст на пресудата

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk