Соработката на омбудсманите важна за постигнување поголема ефикасност во функционирањето  
     
 

20.11.2006

 
 

Министерот за правда Михајло Маневски денеска се обрати на меѓународната  конференција на тема „Соработката со омбудсманот – релевантен фактор за развој на демократијата“, што ја организираше Народниот правобранител на Република Македонија.

Министерот Маневски во своето излагање потенцира дека од особено значење е соработката на омбудсманите заради постигнување поголема ефикасност  во функционирањето.

„Остварувањето и заштитата на човековите права во едно демократско општество, несомнено е поврзано со ефикасното функционирање на судството како самостојна власт во правниот систем на секоја држава“, рече министерот Маневски. Тој при тоа додаде дека Владата на Република Македонија особено внимание посветува на реформите во сите сфери на општественото живеење, процес кој несомнено налага и реформи во судскиот систем.

„Реализацијата на овој процес е проследена со креирање и спроведување на политика непосредно поврзана со примена на законите, гарантирање на слободите  и правата на граѓаните и обезбедување на стабилност и ефикасност на демократските институции. Основна насока во изведувањето на реформата во правосудство во Република Македонија е прифаќањето на меѓународните стандарди во оваа област. За јакнење на независноста и самостојноста на судството беше редефинирана и регулативата за постапката и начинот на избор и разрешување на судиите, преку востановување објективизирани критериуми, како и промени на поставеноста, составот и надлежностите на Судскиот совет. Судскиот совет ќе одлучува за изборот и разрешувањето на судиите и тој е составен од мнозинство судии,  избрани на непосредни и тајни избори. Со задоволство би сакал да констатирам дека  првиот избор на осум членови на Судскиот совет од редот на судиите е успешно завршен само пред неколку дена. Се очекува изборот и на членовите од Собранието и конституирање на Судскиот совет за околу петнаесетина дена“, рече министерот Маневски. 

„Со уставните амадмани значително е зајакната положбата, овластувањето и значењето на народниот правобранител, омбудсманот во Република Македонија. Министерството за правда во рамките на своите овластувања остварува соработка и пружа помош на омбудсманот во вршењето на неговите надлежности. Таа сорабтока се оствраува на взаемно задоволство, а се д надевам дека и така ќе продолжи“, рече министерот за правда Михајло Маневски, обраќајќи се на меѓународната конференција на тема „Соработката со омбудсманот – релевантен фактор за развој на демократијата“, што ја организираше Народниот правобранител на Република Македонија.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk