Надзорна расправа на тема „Имплементација на законската регулатива од областа на правата на детето и Конвенцијата на правата на детето“  
     
 

02.11.2010

 
 

Комисијата за труд и социјална политика на Собранието на Република Македонија, денеска  одржа надзорна расправа на тема „Имплементација на законската регулатива од областа на правата на детето и Конвенцијата на правата на детето“.

Целта на оваа надзорна расправа е надзор на имплементацијата на законската регулатива во насока на правата на детето, а од областа на здравството, образованието, трудот и социјалната политика и правда и надзор на имплементацијата на Конвенцијата на правата на детето.

Воведно излагање на седницата имаше претседателот на комисијата, г. Илија Китаноски, кој истакна дека денешната надзорна расправа предвидува испрашување на овластените претставници.

Надзорната расправа беше отворена со обраќање на министерот за правда, г. Михајло Маневски  кој истакна дека унапредувањето на системот на заштитата на децата жртви на сексуална злоупотреба, трговија со деца и  други видови на експлоатација е дел од реформата на кривичното законодавство во Република Македонија.

Во рамките на овој процес, најнапред во 2005 година ја потпишавме Конвенцијата на Советот на Европа за борба со трговија со луѓе рече Маневски.

Во 2007 година ја потпишавме Конвенцијата на Советот на Европа против сексуална злоупотреба и експлоатација на деца.

Периодот до ратификација на овие конвенции го посветивме на усогласување на нашето кривично законодавство  со овие конвенции.

Најнапред,потенцираше Маневски со измените и дополнувањата на Кривичниот законик во 2008 и 2009 година воведени се кривичните дела: Трговија со малолетно лице (Член 418-г), Производство и дистрибуција на детска порнографија преку компјутерски систем (Член 193-а) и Намамување на обљуба или друго полово дејствие на малолетник кој не наполнил 14 години( Член 193-б). 

За најтешките форми на кривичните дела:  Обљуба врз немоќно лице од член 187 и Полов напад врз малолетник кој не наполнил 14 години од член 188 се пропишува казна доживотен затвор.

Врз основа на овие измени во праксата на судовите рече Маневски , веќе се изрекуваат предвидените казни за овие дела во траење од  15,14 и 12 години затвор  и казни затвор од 10 години.

Изречена е и пресуда за делото Трговија со малолетно дете при што се одземени недвижностите и превозните средства употребени за извршување на делото.

Министерот Маневски ги презентираше следниве  податоци :

  • Во 2008 година биле осудени 87 лица, додека пак во претходните 3 години (2005, 2006 и 2007 година) биле вкупно осудени 81 лице;

  • Забележително е заострување во казнената политика, односно 22 лица добиле казни затвор од четири години или повисоки. На повеќе лица им била изречена казна затвор од осум години и на едно лице затвор од петнаесет години;

  • Судиите во образложенијата на поновите одлуки се повикуваат на меѓународните инструменти кои се однесуваат на борбата со трговијата со луѓе што упатува на заклучокот дека судиите во Република Македонија го познаваат меѓународното право и неговото значење во правниот поредок што секако е чекор напред во оценката за подобрувањето на квалитетот на судската власт.

Маневски потенцираше  дека казнениот елемент во справувањето со оваа глобална закана не треба да биде единствен одговор. Наша примарна цел е рече тој  натамошно интензивирање на превентивните механизми на сите нивоа за рано откривање и пријавување на овие дела, навремена реакција на надлежните органи и пружање на соодветна психо-социјална поддршка на децата жртви.

Паралелно со овие активности во 2009 година ја ратификувавме Конвенцијата за борба со трговија со луѓе, а на 4 октомври 2010 година Собранието донесе Закон за ратификација на Конвенцијата на Советот на Европа против сексуална злоупотреба и експлоатација на деца.

Со тоа овие меѓународни документи се дел од нашиот правен систем  истакна Маневски а и нашата обврска за нивно натамошно вградување во домашното законодавство и спроведување во пракса.

Согласно Програмата за финансирање на изградба, реконструкција, одржување на објекти и опремување на казнено-поправните установи која ја донесе Владата  на Република Македонија, истакна Маневски со буџетски средства беа извршени  повеќе активности за подобрување на сместувачките услови и тоа во Казнено-поправниот дом Идризово, Затворот Скопје  а комплетирано е реновирањето на КПД Штип и затворите во: Прилеп, Гевгелија, Охрид, Струга, Струмица иТетово.

Исто така, рече тој , ги зајакнавме  институционалните капацитети за извршување на воспитните мерки спрема малолетниците.

За таа цел во тек е постапка за изработка на проектна документација за изградба на нов Воспитно-поправен дом  со капацитет од 84 места на површина од 2640 квадратни метри.

Заради овозможување на просторни услови соодветни на современите стандарди и согласно препораките на Европскиот комитет за спречување на тортура, малолетниците кои издржуваат воспитна мерка упатување во воспитно поправен дом во Затворот Скопје се пренесни во отвореното одделение Велес кое функционира во рамките на КПД Идризово.

Ова сместување рече Маневски,  ќе трае до конечната изградба на предвидениот нов ВПД во околината на Тетово која се очекува да заврши кон крајот на 2011  почеток на 2012 година.

Во насока на операционализација на Акциониот план за спроведување на Законот рече Маневски донесени се четири подзаконски акти.

Изготвени се водич и стандарди за постапување на стручните тимови со деца во ризик и малолетни сторители на кривични дела во центрите за социјална работа.

Донесена е програма за основна и специјализирана обука, а спроведена е обука за повеќе од 500 судии, јавни обвинители, овластени службени лица во МВР и адвокати за примена на Законот.

Изработена е публикација за ресторативна правда и компаративна анализа за постапување на полициските службеници со малолетници.

Конституиран е Државниот совет за превенција на малолетничко престапништво, кој одржа 17 седници и интензивно работи на изработката на Стратегија за превенција на малолетничко престапништво а која се очекува да биде донесена до крајот на оваа година.

Денешната расправа рече Маневски не е само можност да го претставиме тоа што сме го реализирале. Ова е можност да ја повториме нашата определба и посветеност за почитување и обезбедување на правата содржани во Конвенцијата за правата на детето без никаква дискриминација и во најдобриот интерес на детето.

Свои излагања на Надзорната расправа  имаа и: министерот за образование и наука, г. Никола Тодоров; министерот за труд и социјална политика, г. Џелал Бајрами; министерот за здравство, г Бујар Османи; заменикот народен правобранител, г-ѓа Невенка Крушаровска; претставникот на УНИЦЕФ,  г. Шелдон Јет; претставникот на Меѓаши, г. Драги Змијанац; претставникот на СЕГА, г.  Зоран Илиески, како и професорот Гордан Калајџиев, кои дадоа свои коментари и одговори до членовите на Комисијата.

Комисијата за труд и социјална политика и понатаму ќе ги разгледува материјалите и исказите на учесниците и остави одреден временски период во кој ќе се подготват заклучоците и истите ќе се стават на гласање на некоја од наредните седници.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk