Маневски: Извештајот од ЕК е објективен, да се работи на подобрување на препораките  
     
 

10.11.2010

 
 

 (МИА) - Министерот за правда Михајло Маневски го оцени вчера објавениот Извештај од Европската комисија за напредокот на Македонија во делот на судството, фундаменталните права и антикорупцијата како позитивен во имплементацијата на реформите.

На денешната прес-конференција, министерот Маневски рече дека во Извештајот констатиран е позитивен напор во работата на Судскиот совет за подобрување на целокупниот систем, се применува системот на кариера, се почитува принципот на правична застапеност, а констатирано е дека Академијата за судии и јавни обвинители обезбедила континуирана обука на скоро седум илјади учесници.

- Констатирано е подобрено управување со буџетот, а наведени се континуираните напори да се подобри ефикасноста на судството. Во Извештајот стои дека бројот на заостанати предмети во судовите во 2009 година во однос на 2008 година е намален за 15 отсто, додека електронското управување со предметите е целосно имплементирано, посочи Маневски.

Тој истакна дека во Извештајот е констатирано оти Судскиот совет направил дополнителни напори за борбата против корупцијата и обезбедување на непристрасност, разрешувајќи шест судии за злоупотреба на службената положба.

Во однос на антикорупциската политика, констатиран е напредок во имплементација на антикорупциската рамка. Во функцијата на човековите и фундаменални права, рече Маневски, забележан е прогрес во ратификација на инструментите, а правната рамка во голем дел е задоволителна. Напредок е констатиран и на полето на слободата на мислата и религијата.

- Во Извештајот се наведува како неповолно членувањето на министерот за правда во Судскиот совет. Во овој поглед, покренета е иницијатива да се измени амандманот со кој во Советот нема да членуваат министерот и претседателот на Врховниот суд. Законот за судови, за Судски совет, за управните спорови и за судска служба се на собраниска седница на 15 ноември и се очекува да бидат донесени. Овие закони стојат како препорака во Извештајот, потенцираше министерот.

Маневски информираше дека на вчерашната седница, Владата усвоила информација за измени во законот со кои ќе се овозможи лицата кои имаат двојно државјанство да бидат предадени на друга држава каде го сториле кривичното дело, аналогно на тоа што е направено во уставните измени на Хрватска и на Србија. Тој додаде дека Министерството за правда има иницијативи за склучување на билатерални договори со министерствата за правда на Хрватска и Србија, со цел ниту еден кој сторил казнено дело да не може да се извлече од казнената одговорност повикувајќи се на двојното државјанство.

Според Маневски, Извештајот од ЕК е објективен, а препораките се избалансирани на најзначајните прашања на кои треба да се работи за нивно подобрување. - Забележан е напредок во сите области и не е констатирана стагнација или уназадување, додаде министерот.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk