Отворен семинарот за европското кривично право  
     
 

11.11.2010

 
 

МИА - Меѓународната правна помош во кривичната материја, конкретни форми на судска соработка во ЕУ (Европравда, Европска судска мрежа), екстрадицијата, минималните стандарди за правата на осомничените и тужените, положбата на жртвите во кривичните постапки, се темите за дискусија на семинарот насловен „Европско кривично право“, што денеска и утре се одржува во Скопје.

Mинистерот за правда Михајло Маневски отворајќи го семинарот посочи дека годинава е донесен Законот за меѓународна соработка во кривичната материја, кој како што рече е иднината на меѓународната соработка во кривичната материја како дел од Европското кривично право.

- Владата на Република Македонија на седницата одржана на 9-ти овој месец донесе заклучок за поведување постапка за потпишување на Третиот дополнителен протокол на Европската конвенција за екстрадиција со што ќе се придонесе кон натамошно јакнење на меѓународната соработка во борбата против организираниот криминал, истакна Маневски.

Ова, како што рече, значи дека Македонија во однос на легислативата е во чекор со европското кривнично право, а тоа се потврдува и со последниот Извештај на ЕК за напредокот на Република Македонија во областа на судската соработка во граѓанската и кривичната материја.

Со цел да се олесни ефикасноста на надлежните власти при водењето на истрагите или постапувања по обвиненија за сериозни транснационални казнени дела и дела на организираниот криминал, вклучувајќи го и тероризмот, како што истакна министерот, значајна е соработката на Македонија со Европската канцеларија за соработка во областа на правосудството позната како Европравда (ЕУРОЏАСТ).

Маневски информира дека веќе се одвива директна соработка помеѓу Македонија и Европравда по однос на предмети од областа на организираниот криминал.

Дводневниот семинар кој се реализира со поддршка на Европската комисија преку инструментот TAIEX, во соработка со Министерството за правда е во насока на спроведување на реформите во правосудството во Република Македонија.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk