„Македонска судска пракса“ - тригодишен проект за градење модерен правен систем во Македонија  
     
 

12.11.2010

 
 

 (МИА) - Министерот за правда Михајло Маневски денеска го означи почетокот на тригодишниот проект „Македонска судска пракса“ кој треба да придонесе за градење модерен правен систем во Република Македонија.

Проектот е финансиран од Кралството Холандија, а ќе го имплементира Академијата за судии и јавни обвинители во соработка со холандскиот Центар за меѓународна правна соработка (СИЛС).

- Судската пракса е од големо значење за законодавството, образованието и работата на судиите. Изминатиов период Република Македонија презема значајни мерки и активности во рамки на реформата на правосудниот систем. Формирани се 10 нови институции кои се целосно екипирани и функционални, а исто така донесени се и голем број закони и подзаконски акти кои имаат за цел да ја зајакнат независноста на судството и да ја зголемат неговата ефикасност, рече во своето обраќање министерот Маневски, истакнувајќи дека успешноста на реформите во областа на правосудството се позитивно оценети како од домашната и од меѓународната експертска јавност.

Маневски потенцира дека судската пракса е тесно поврзана со информатичкиот систем.

- Во тој контекст сакам да го истакнам напредокот на Република Македонија во областа на функционирањето на информатичката технологија во судството. Особено е значајно да се истакне дека стратегијата на Владата за информатичко-комуникациска технологија во македонското правосудство 2007 - 2010 континуирано се спроведува. Воведен е нов автоматизиран информатички систем за управување на судски предмети кој овозможува евиденција и работа со судските предмети и поврзување на надворешни влезни документи со соодветниот судски предмет. Овој информатички систем е целосно во функција во сите судови во Република Македонија од 1 јануари оваа година, додаде министерот за правда.

Во контекст на судската пракса,  Маневски посочи дека во насока на зголемување на транспарентноста на правосудните институции на Интернет-страниците на судовите континуирано се објавуваат судски одлуки и пресуди до кои имаат пристап граѓаните во секое време. Според него, досега на веб-страниците на судовите се објавени повеќе од 40 илјади пресуди и одлуки.

- На располагање на судовите е базата на закони ЛДБИС која континуирано се пополнува со новите правни прописи при што досега се внесени повеќе од 20 илјади закони, подзаконски акти, меѓународни договори други прописи. Следните чекори во оваа област ќе бидат направени за унапредување на системот на информатичка технологија во Јавното обвинителство. Министерството за правда публикуваше Збирка пресуди на Европскиот суд за човекови права и решенија на Врховниот суд на Република Македонија и ова издание ќе биде доставено до сите судии и јавни обвинители кои објавената судска пракса ќе можат да ја користат во нивната секојдневна работа, рече министерот Маневски.

Главни локални партнери на овој проект ќе бидат Врховниот суд на Република Македонија, Министерството за правда, Адвокатската комора на Македонија, правните факултети при универзитетите „Св. Кирил и Методи“ и на ЈИЕ, како и Македонскиот правен истражувачки центар.

На обраќањето на конференцијата по повод започнување на проектот се обратија и Симоне Филипини, амбасадор на Кралството Холандија, Сафет Алиу, заменик-претседател на Врховниот суд на Република Македонија и директорката на Академијата за обука на судии и јавни обвинители Анета Арнаудовска.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk