Јавна расправа за измените и дополнувањата на Изборниот законик  
     
 

17.11.2010

 
 

 (МИА) - Во организација на Министерството за правда денеска се одржа јавна расправа за работниот текст на предлог законот за изменување и дополнување на Изборниот законик, за постигнување ефикасни решенија пред да се стави во собраниска и владина процедура.

Во Република Македонија во изминатиот период се спроведе реформа на изборниот систем кој резултираше со донесување на новиот Изборен законик во 2006 година во кој се обединија сите претходни закони со кои се уредуваа изборите.

- Со измените и дополнувањата кои беа направени во 2008 година беа вклучени дел од препораките дадени од страна на ОБСЕ/ОДИХР по изборите истата година, како и дел од препораките дадени од Венецијанската комисија на Советот на Европа. Овие измени и дополнувања придонесоа за подобрување на одредбите во однос на решавањето на изборните спорови, рече ресорниот министер Михајло Маневски.

Образложувајќи ги измените тој потенцираше дека посебен акцент во дополнувањата е ставено на изборната кампања во однос на заштита со правни механизми од незаконското финансирање на кампањата, дефинирање на почетокот и завршувањето на изборната кампања, се прецизираат овластувањата на Советот за радиодифузија, се доуредуваат одредбите поврзани со гласањето на државјаните на Македонија кои се на привремена работа или престој во странство и платеното политичко рекламирање.

- Со измените се уредува постапката за увид, запишување и бришење на податоците од избирачкиот список, се предвидува да се врши увид во списокот во текот на целата година во подрачните оделенија на Државната изборна комисија, дипломатско-конзуларните претставништва на земјава во странство, како и преку интернет. За македонските граѓани во странство предвидено е барањата за запишување, дополнување или бришење на податоци да се доставуваат по електронска пошта до ДИК преку конзуларните претставништва, рече Маневски.

Законот, според министерот, јасно ги дефинира органите за спроведување на изборите, а тоа се ДИК, општинската изборна комисија и комисијата на Град Скопје, избирачките одбори и избирачките одбори за гласање во дипломатско-конзуларните претставништва.

- Со измените се дефинира изборната кампања која трае 20 дена и покрај останатото подразбира јавно собирање организирано од страна на организаторот и јавни истакнувања на плакати. Со измените се доуредува и надлежноста на Советот за радиодифузија кој треба да донесе правилник за однесување на радиодифузерите пред започнување на кампањата и со него се определува кои медиумски содржини не се дозволени, како и правилник за рамноправен пристап кој го дефинира начинот на известување во медиумското претставување во текот на кампањата, додаде министерот.

Во рок од пет дена од денот на распишување на изборите, радиодифузерите и печатените медиуми со новите измени се должни да утврдат ценовници за платено политичко рекламирање кои треба јавно да ги објават. Ценовниците не смеат да се менуваат во текот на изборната кампања. Измените предвидуваат обврска платеното политичко рекламирање да биде јасно означено и одвоено од другите содржини во медиумите, нарачателот да биде јасно означен и не е дозволено учество на малолетници во рекламирањето, ниту учество и организрање на малолетници на јавни собири или митинзи.

- Се предвидува Советот за радиодифузија да го следи изборното медиумско претставување и програмскиот сервис на радиодифузерите од денот на распишување на изборите до завршување на гласањето. Советот по утврдување на неправилности должен е да покрене прекршочна постапка пред надлежниот суд против радиодифузерот кој го прекршил законот, рече Маневски.

Посебни измени се направени во делот на финансирање на изборите. Кампањата може да се финансира од членарина на политичката партија, од донација на физичко лице во висина од 5 илјади евра и од донација од правно лице во висина од 5 отсто од вкупниот приход од предходната година.

Законот го определува Управниот суд на Република Македонија како надлежен орган за одлучување во изборниот процес.

На јавната расправа учествуваа и членови на работната група за изготвување на предлог законот, претставници на парламентарните политички партии и на останатите регистрирани политички партии во државава.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk