Избор од медиумите - ТВ СИТЕЛ: Министерот Маневски се сретна со претседателот на Европскиот суд на правда Скурис  
     
 

23.11.2010

 
 

Министерот за правда Михајло Маневски во рамки на неговата дводневна посета во Брисел, попладнево во Луксембург оствари средба со претседателот на Европскиот суд на правдата Василис Скурис.

На средбата Маневски го нагласил интересот за соработка со Европскиот суд на правдата за проучувањето на судската пракса на судот, како извор на правото во врска со примена на европската регулатива и постоење можност за студиски престој и посета на претставниците од судските органи од Република Македонија.

Според министерот Маневски средбата  со претседателот на Европскиот суд на правдата Скурис е од исклучително значење за Република Македонија  и е прва посета од овој вид, на која заеднички била истакната потребата за поблиска соработка во рамки на поуките што се остваруваат во Европскиот суд за правдата и едукација на кадарот во судовите во Република Македонија.

Маневски појасни дека Европскиот суд за правдата, како што е веќе познато  првостепениот суд и судот на јавната служба го сочинуваат судскиот систем  на унијата, и токму поради тоа за примена на правото на Европската Унија неопходно е да се фокусира на едукација на судиите за европското право,  на адвокатите, на јавните обвинители на членовите на судските функции и други .

На средбата претседателот Скурис иницирал и понудил  да  и биде дадена на Република Македонија  збирка на пресуди на европскиот суд за правдата.

- Тоа е  збирка за најзначајните пресуди што се донесени од страна на судот. Тоа се околу 80-тина пресуди и ќе  бидат иновирани со најновите пресуди од последниве години со цел тие да бидат објавени во Република Македонија, да бидат достапни на научната и стручната јавност, но пред се да бидат достапни на секој судија, на секој јавен обвинител, на адвокатите, како и  на универзитетите каде што се изучува европското право, изјави Маневски.

Министерот Маневски оцени дека иднината е европското право.

- Иднината е употребување на кадарот за предавање и примена на Европското право и токму поради тоа се напорите кои ги прави Министертсвото за правда и Владата на Република Македонија за обезбедување квалификуван и стручен кадар за примена на европското право, истакна Маневски.

Министерот Маневски и министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска   учествуваат на дводневниот министерски Форум „ЕУ – Западен Балкан“ на земјите членки на ЕУ, како и на земјите од Западен Балкан.

Министерот Маневски утре ќе се обрати на сесијата на тема ,„Независност на судството и обвинителството“ и ќе има презентација во рамки на работните сесии посветени на „Подобрување на соработката со Европравда“ и „Заштита на личните податоци“.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk