Брисел, обраќање на Маневски на ЕУ -Западен Балкан Министерски форум за правда и внатрешни работи  
     
 

24.11.2010

 
 

Независноста на судството е еден од клучните приоритети на Владата на Република Македонија. Бројните преземени активности изминатиов период  се во насока на реализацијата на Стратегијата за реформа на правосудството истакна министерот за правда Михајло Маневски на вториот ден од министерскиот состанок на ЕУ -Западен Балкан.

Во Извештајот на Европската Комисија, нагласи Маневски  се констатира дека Стратегијата е успешно спроведена, и дека за краток временски период се донесени огромен број на закони и се извршени важни технички и организациони промени. 

Маневски го цитираше и Извештајот во кој се истакнува дека : „во врска со областа на судската независност, напредокот е навистина импресивен и системот на формални гаранции за судската независност компатибилен со потребата за флексибилност и контрола на професионалната работа,“

Во областа на судството рече Маневски изготвивме пакет закони кои ќе придонесат за понатамошно јакнење на неговата независност.

Реформата на казненото право се одвива согласно Стратегијата за реформа на казненото право.

Во септември 2009 година беше усвоен Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик, кој започна да се применува од март оваа година.

Новиот Закон за кривична постапка ќе има одложена примена (vacatio legis) од 2 години. За спроведување на Законот е изготвен Акционен план за примена на  Законот

Како резултат од спроведените реформи изминатиов период, значително е зголемена ефикасноста на судството.

Ве уверувам рече Маневски дека нашите активности во реализацијата на реформите во правосудството нема да застанат тука. Наредниот период нашите активности ќе ги интензивираме, особено ставајќи акцент на имплементацијата на донесените закони нагласи тој.

Во однос на заштитата на личните податоци Маневски рече дека согласно членот 18 од Уставот на Република Македонија и меѓународните документи, Собранието на Република Македонија во 2005 година го донесе Законот за заштитата на личните податоци што претставува значаен чекор во заштита на личните податоци на граѓаните во Република Македонија

Со Предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на личните податоци во делот за прекршоците се предлагаат решенија со кои ќе продолжи процесот на усогласување на националното законодавство со законодавството на Европската унија, а ќе се воспостави и поефикасна заштита на правото за заштита на личните податоци преку зајакнување на инспекцискиот надзор истакна Маневски.

 Предложените измени и дополнувања се насочени кон создавање на нормативно – правна основа за целосна заштита на правото на граѓаните да бидат заштитени нивните лични податоци од злоупотреба и друг вид нивно користење што не е во согласност со Уставот на Република Македонија и законите на нашата држава.

Во однос на соработката со Европравда Маневски нагласи дека Република Македонија го потпиша Договорот за соработка со Европравда на 28.11.2008 година со кој се овозможува директна соработка на правосудните органи во Република Македонија и оние од земјите членки на ЕУ во делот на судската соработка во кривичната материја, екстрадицијата и трансферот како и делата на организираниот криминал, вклучувајќи го и тероризмот. 

На оценската мисија рече Маневски, беше утврдено дека процедури во институциите кои имаат надлежност за спроведување на Договорот – Министерството за правда, Јавното Обвинителство на РМ и Дирекцијата за заштита на лични податоци – се спроведуваат во согласност со одредбите на Договорот што беше констатирано и во Извештајот подготвен од страна на надлежните претставници на Европравда.

Маневски потенцираше дека потпишувањето и спроведувањето на овој Договор претставува успешно исполнување на уште една од одредниците во процесот на приближување на Република Македонија кон Европската Унија во делот на Визната либерализација како и Националната програма за усвојување на законодавството на ЕУ.

 Тоа се потврдува и во последниот Извештај за напредокот на Европската Комисија за Република Македонија, објавен на 09 ноември 2010 година, во кој се нотира напредок во областа на судска соработка во граѓанската и кривичната материја и се цени дена оваа област е умерено напредната нагласи Маневски.

На 23-11- 2010 година во Луксембург, министерот Маневски се сретна со Претседателот на Европскиот суд на правдата  г. Василис  Скурис и разговараше за продлабочување на соработката  со Судот.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk