Маневски во Брисел ги презентира реформите во македонското судство  
     
 

24.11.2010

 
 

 (МИА) -  Земјите од Западен Балкан имаат прогрес во примената  на принципите и обезбедувaње самостојност и независност на судскиот систем, но секако потребни се дополнителни напори во имплементацијата на законите поради гонење на дела на организираниот криминал и корупцијата, владеењето на правото и она што треба да значи ефикасна заштита на правата и слободата на граѓаните.

Ова го истакна министерот за правда Михајло Маневски во обраќањето  на сесијата на тема „Независност на судството и обвинителството“ денеска во Брисел на министерскиот форум „ЕУ – Западен Балкан“.

Македонскиот министер за правда имаше и презентација во рамки на работните сесии посветени на „Подобрување на соработката со Европравда“ и „Заштита на личните податоци“.

Министрите за правда покрај за самостојноста и независноста на судството, разговараа и за прашањата за екстрадицијата и трансферот на осудени лица, за соработката со Европравда, како и  за функцијата што се врши во остварувањето на заштитата на личните податоци.

За време на состанокот Маневски ги истакна позитивните искуства од Република Македонија на планот на обезбедување на самостојноста, независноста и ефикасноста на судскиот систем, потенцирајќи дека е направен голем чекор од апсект на законската регулатива во споредување на стратегијата за судските реформи, каде што практично е заокружена законската регулатива со донесувањето во изминатите четири години (2006 до 2010).

Тој посочи дека се основани 10 нови институции кои  успешно функционираат од аспектот на вршењето на функциите на Академијата за обука на судии, јавни обвинители, Управениот суд, посебните органи за гонење на дела на организираниот криминал и корупцијата особено јавното обвинителство  и  специализираниот оддел  во рамките на Основниот суд Скопје 1 за судење на делата на органиизиран криминал и корупција, новите судови и Апелацискиот суд во Гостивар.

Според Маневски, Република Македонија гради правна рамка, институции и ги јакне нивните капацитети и  постигнува резултати на планот на обезбедувањето на ефикасноста на судството, каде што воедно се бележи намалување на приливот на новите предмети  за одприлика 21 отсто, но пред се, се бележат позитивни резултати на планот на намалувањето на бројот на нерешените предмети во судовите.

- Ако ги споредиме резултаите од 2006 година со 2010 ќе видиме дека тој недостаток е намален за одприлика 429 илјади предмети или 43 отсто. Се надеваме дека на крајот на оваа година ќе покажеме уште подобри резултати, особено во функциите што ги остваруваме во рамките на Академијата каде се едуцира судискиот кадар. Тоа е констатирано  и во Извештајот на Европската комисија бидејќи минатата година се организирани 240 настани на кои учествувале 7.000 илјади судии, обвинители, нотари, медијатори, адвокати ... кои што поминале низ обука во Академијата, изјави министерот.

Во однос на темата за заштита на личните податоци и соработка со Европравда, Република Македонија, како што рече Маневски, има склучено договорот со Европравда, како и сите земји од Западен Балкан.

Според Маневски, значајна е соработката со Европавда пред се поради истрагата во делата на организираниот кримиал и корупцијата вклучувајќи го и тероризмот. Потсетувајќи оти  Министерството за правда веќе има реализирано два случаи со запленување и замрзнување на имот во странски банки,  Маневски рече  дека тоа е од огромно значење и преставува голема потреба и нужност за олеснување на постапката на докажувањето  и процедурата околу добивањето на податоците до кои на друг начин не би можело да се пристапи.

- Во однос на Законот за заштита на лични податоци Македонија има добар прогрес, бидејќи основен услов за склучување на договор со Еуроџуст е да се има добар ваков Закон, вели Маневски. Тој додаде дека шест години во Република Македонија се применува Законот за заштита на лични податоци,  вградена е Конвенцијата на советот на Европа  - Директивата 9446, направени се две измени, една во 2008 година кога и било преговарано со Европравда за соработката и склучувањето на договорот, како и оваа година каде што била зајакната положбата на Дирекцијата на заштита на личните податоци, нејзините овластувања и обврски на надлежните државни  органи да на барање на Дирекцијата да и ги доставуваат податоците од регистрите што се однесуваат на заштита на податоците како што е видео надзорот и комуникациските технологии.

На форумот беше разговарано и за екстрадицијата и трансферот на осудени лица, при што Маневски ги изнесе искуствата за случаи кога некои сторителите на кривични дела ја одбегнаа кривичната одговорност поради користење на двојно државјанство, како на пример државјанство на Република Македонија и на друга држава.

Маневски ги информира присутните дека државата пристапува кон измена на Уставот на Република Македонија и Министертсвото за правда е задолжено во рок од 30 дена  да ја подготви таа иницијатива со цел да се овозможи делата на организираниот криминал, како и корупцуските кривични дела да неможат да преставуваат  уставна пречка за државјанин на Македонија да го користи државјанството само со цел да одбегне кривична одговорност, туку истиот да биде предаден на друга држава поради сторени кривични дела, потсетувајќи на веќе склучениот договор помеѓу Република Србија со Хрватска и Црна Гора.

- На денешниот состанок информирав  дека Македонија има парафирано три договори со Косово за соработка помеѓу министертсвата за правда на двете држави, тоа е договор  за екстрадиција и трансфер на осудени лица, договорот за меѓународна соработка и договор за соработка во граѓанската материја. Договорите се веќе парафирани и се чека уште на потпис од страна на  министрите за правда на Македонија и Косово, рече Маневски.

Идниот форум на министрите за правда и внатрешни работи на Западен Балкан ќе се одржи во Македонија за време на полското претседателство со Европската унија.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
-->
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk