Истанбул,Турција: Маневски на Конференција на министрите за правда на државите членки на Совет на Европа  
     
 

25.11.2010

 
 

Денеска и утре  министерот за правда Михајло Маневски  учествува на 30-тата Конференција на министрите за правда на државите членки на Советот на Европа која се одржува во Истанбул, Турција,

Темата на 30-тата конференција на министрите за правда на државите членки на Советот на Европа е: „Модернизација на правдата во третиот милениум“.

Конференцијата ја отвори Министерот за правда на Република Турција г. Садула Ергин, а се обратија и г-ѓа. Мод де Боер Букикио, заменик Генерален Секретар на Советот на Европа,  г. Томас Хамамберг, Комесар за човекови права на Советот на Европа и други.

Во рамките на конференцијата, главен акцент е ставен врз двете клучни теми кои се предмет на расправа: „Транспарентноста и ефикасноста на правдата“ и „Затворите во денешна Европа“.

Како што беше истакнато на Конференцијата, модернизацијата на правниот систем ќе придонесе за зајакнување на неговата ефикасност, ефективност , одговорност и достапност. Клучната улога во градењето современ правосуден систем има обезбедувањето соодветна инфраструктура и зајакнувањето на човечките ресурси во судовите. во таа насока, буџетирањето на судовите беше истакнато како најзначаен сегмент.

Во рамките на првата тема беше истакнато дека напредокот на технологијата воопшто и особено широкото користење на ИНТЕРНЕТ  мрежата креираше „е-свет без граници“. Токму затоа, системите за автоматско управување со предметите во судовите, компјутерите и информатичките мрежи се повеќе и повеќе стануваат задолжителен дел од опремата во судовите, што придонесува за подобар пристап на граѓаните до правдата.

Исто така, беше нагласено дека  за  Советот на Европа транспарентноста и ефикасноста  на правдата се најзначајните елементи за успешно администрирање на правдата во модерното доба.

Во таа насока, во обраќањето на конференцијата Министерот Маневски се осврна на напредокот што Република Македонија го има направено во областа на ефикасноста и транспарентноста на правосудството., како и плановите за идните активности во овие области. Притоа, посебно беше потенциран развојот на информатичко-комуникациската технологија во судството во Македонија. Имено, од 1 јануари 2010 година во сите судови во Република Македонија се применува Автоматскиот информатички систем за управување со судски предмети. Исто така, значаен е и напредокот што Република Македонија го има направено во областа на транспарентноста на судството, што директно придонесува за зголемување на довербата на граѓаните во судовите.

           Министерот Маневски информираше и за најзначајните решенија содржани во пакетот закони од областа на правосудството, што неодамна беа усвоени од Собранието на Република Македонија.

           На конференцијата учествуваат 21 министер за правда од земјите членки на Советот на Европа.

На маргините на состанокот Министерот за правда оствари билатерални средби со министерката за правда  на Република Бугарија г-ѓа Маргарита Попова, министерот за правда  на Република Словенија г.Алеш Залар, Претседател на Комитетот за превенција од тортура  г.Мауро Палма и Генералниот Директор за Човекови права и правни прашања на Советот на Европа,  г.Филип  Боаја.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk