Истанбул,Турција : Втор ден од Конференцијата на министрите за правда на државите членки на Совет на Европа  
     
 

26.11.2010

 
 

Во рамките на вториот ден на Конференцијата, денеска  расправата продолжи  по однос на темата: „Затворите во денешна Европа“.

На Конференцијата се донесоа повеќе документи во насока на зајакнување на заедничките напори за подобрување на правосудството и затворскиот систем во земјите членки на Советот на Европа. Најзначајни се  резолуциите за  модерна, транспарентна и ефикасна правда ,  за затворската политика во денешна Европа и резолуцијата за заштита на податоци и приватноста во третиот милениум

Во дебатите на темата за пенитенцијарните институции во Европа, посебно внимание беше посветено на превенцијата и изнаоѓањето  соодветни решенија за проблемот на пренатрупаноста на затворите во Европа. Како што беше истакнато, зголемувањето на популацијата на осудените лица, претставува  предизвик за сите држави членки на Советот на Европа во обезбедувањето просторни капацитети и ефикасна имплементација на едукативните, психо-социјалните и работните програми за осудените лица.

Во расправата посебен акцент беше ставен врз малолетниците, жените и странците кои се наоѓаат на издржување на казна затвор. Притоа, беше редефинирано значењето на Европските затворски правила и другите стандарди  во оваа област.

Дел од расправата на оваа Конференција беше посветен и на заштитата на личните податоци и приватноста. Во таа смисла  беше истакнато дека развојот на информатичко – комуникациската технологија овозможува зголемен прекуграничен проток на податоци и информации кои во одредени случаи задираат во приватноста на индивидуата. Токму затоа, како  што беше нагласено, од исклучително значење е примената и почитувањето  на стандардите кои се однесуваат на заштитата на личните податоци и приватноста.

 Во рамки на Конференцијата министерот Маневски се сретна  со министерот за правда на Словенија г.Алеш Залар, во рамки на која беше упатена покана до  Маневски за учество на Конференција за министрите за правда на Западен Балкан – Брдо  , процес која ќе биде насочен кон продлабочување на конкретната регионална соработка во борбата против организираниот криминал и корупцијата и тоа: формирање на заеднички истражни тимови, размена на информации, подобрување на регулативата и активностите.

На средбата беше договорено да се пристапи и кон конкретна реализација на Меморандумот за соработка кој со Република Словенија го има потпишано Република Македонија и особено кон реализација на Меморандумот за судска соработка кој двата министри го потпишаа минатата година. Во таа насока, се договори размена на Словенечките искуства и организација на студиски посети во делот на пренесување на искувства за преговорите со ЕУ, по однос на Законот за медијација, Законот за парничка постапка и реформите во затворскиот систем.

Министерот  Маневски денеска ќе се сретне со  министерот за правда  на Република Турција  г. Ергин.

 

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
-->
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk