Македонија ќе добие затвори со европски стандарди  
     
 

29.11.2010

 
 

(МИА) - Во наредните три години предвидено е да бидат изградени околу 63.000 метри квадратни нови или адаптирани простории во казнено поправните домови низ државата, за што ќе бидат инвестирани 52 милиони евра од кои 46 се заем од Банката за развој на Советот на Европа и шест милиони се од буџетот на Република Македонија, информира денеска министерот за правда Михајло Маневски.

На отпочнувањето на проектот МАТРА на тема „Градење на капацитетите на менаџментот во македонската затворска служба“, Маневски посочи дека предвидено е да се реновира еден оддел во казнено поправниот дом „Идризово“ со капацитет од 300 лица и изградба на нов дом при што вкупниот капацитет на „Идризово“  ќе изнесува 1.510 места. Се предвидува нов казнено поравен дом во Тетово, завршување на работите на затворот „Куманово“ и изградба на две нови крила во затворот „Скопје“.

- Наша цел е да направиме затвори според eвропските стандарди, да создадеме оптимални услови за престој и работа на осудените и вработените лица во казнено поправните установи, да се остварува ресоцијализација и хумано постапување со осудените лица, да јакнат здравствените служби и грижата за нивното здравје, рече Маневски.

Со реализацијата на проектот, како што нагласи, ќе се создадат услови за соодветен претстој на осудените лица, почитувањето на човековите права и социјална реинтеграција на лицата во издрживањето на казната затвор.

За подобрување на условите во казнено поправните домови ќе бидат едуцирани и менаџерите, директорите и вработените во затворите за да се обезбеди соодветна примена на законите.


Прашан дали со затворањето на Иснифарис Џемаили ќе се затвори аферата „Бачило“, Маневски рече дека со неговото влегување во казнено поправниот дом „Идризово“ се затвара случајот во однос на осудените лица, но не е затворен во делот на конфискација на имотот.

- Од осудените лица се одземени значителни средства, соглансо изречената мерка за конфискација на имотот, но има уште активности што ќе бидат реализирани, особено за осудениот Џемаили кој е должен да и надомести на државата, појасни министерот Маневски.

На новинарско прашање за екстрадицијата на Вранишковски во Македонија, тој информира дека е побарана екстрадиција и оти се чека реакција на бугарските власти.



ГОВОР - МАНЕВСКИ - ЦЕЛОСЕН ТЕКСТ - "Реформи во казнено - поправниот систем во Република Македонија" 

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk