Работна средба–Врховен суд:Примена на новите реформски закони во правосудството и Препораките од извештајот на Европската комисија за напредокот на РМ  
     
 

10.12.2010

 
 

(МИА) - Министерот за правда Михајло Маневски и претседателите на  Врховниот суд, Управниот суд, на Основните и на Апелационите судови како и зам.претседател и членовите на Судскиот Совет, денеска одржаа координативен состанок  за реализирање на активностите и обврските предвидени во донесените закони од областа на правосудството.

Средбата беше посветена на приоритетите во судскиот систем, со фокус на законите од областа на правосудството, употребата на автоматизираниот систем во судовите и Извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонијаа во оваа област.

Маневски рече дека натамошната успешна имплементација на законите останува приоритет во насока на исполнување на критериумите за членство на Македонија во Европската унија. Тој истакна дека се преземаат напори за побрзо решавање на постапките во судовите, донесување и менување на законите за управните спорови и зголемување на судскиот и буџетот за обвинителите.

- Главна цел е да оформиме ефикасно и непристрасно судство. Во текот на оваа година донесени се пакет закони за реформи во судскиот систем кои ќе обезбедат значајни промени. Во земјава функционира електронското судство со што направивме голем чекор напред, а се забележува и намалувањето на новите и зголемување на решените предмети, изјави Маневски.

Најави дека во наредните години ќе биде зголемен бројот на судски стручни соработници и службеници, како и зголемување на буџетот за вршење на судската функција, односно средства наменети за судовите. Маневски потенцираше дека во иднина мора да се внимава на рокот од два дена за објавување на судските одлуки на веб страниците на судовите.

- Во иднина треба сериозно да се пристапи кон отворањето на канцелариите за односи со јавност во судовите каде граѓаните ќе може да ги добијат сите основни информации. Ни претстојат големи обврски во наредниот период и токму затоа ги правиме сите подготовки за имплементација на законите, додаде министерот за правда.

Според претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски, донесените пакет закони имаат сериозна цел да ја зголемат независноста и ефикасноста на судскиот систем.

- Во Извештајот од ЕК се наведува потребата од едукација на судските службеници, а забележан е напредок во одредени области од правосудството. Моделот за судење во разумен рок е оценет како ефикасно средство за подобрување на состојбите, рече Вангеловски.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk