Тркалезна маса за предизвиците при имплементирањето на владеењето на правото во Македонија и регионот  
     
 

13.12.2010

 
 

(МИА) - Владеењето на правото и обезбедувањето поголема сигурност за граѓаните како клучен приоритет на сите демократски општества претставува национална, но едновремено регионална и интернационална цел. Ова го истакна министерот за правда Михајло Маневски денеска на тркалезната маса на тема „Предизвици при имплементирањето на владеењето на правото во Македонија и регионот“, што се одржа во организација на фондацијата „Конрад Аденауер“ и Институтот за демократија „Societas Civilas“ во Скопје.

Во таа насока, како што посочи, Владата презема бројни активности и мерки за зајакнување на правната и институционалната рамка, јакнење на капацитетите на институциите, зајакнување и едукација на постоечките и нови човечки капацитети со цел постигнување реални резултати.

- Соочувајќи се со предизвикот за зајакнување на правната сигурност преку јакнење на независноста и ефикасноста на судството во состојба кога судството со недоволни услови за ефикасна работа и со преку милион заостанати судски предмети во судовите во Македонија преземени се низа активности за надградување на постојаната законска рамка во областа на правосудството, рече Маневски.

Во периодот од јуни 2006 година до денес, како што посочи, донесени се повеќе од 132 закони и 83 подзаконски акти кои имаат за цел да ја зајакнат независноста на судството и да ја зголемат неговата ефикасност.

Во Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија за 2010 година е посочено дека ефикасноста на судовите е зајакната преку подобрено распоредување на буџетските средства и намалување на заостанатите предмети.

Маневски истакна дека еден од највисоките приоритети на македонската Влада е спречувањето на организираниот криминал и корупцијата, што ќе се постигне со новите измени на Законот за спречување на корупцијата со кои се предвидува професионализација на вршењето на функцијата на членовите на Државната комисија за спречување на корупцијата.

- Република Македонија и во иднина ќе продолжи со зајакнувањето на судската соработка на меѓународно и регионално ниво во борбата против криминалот со чие што сузбивање ќе придонесеме за владеење на правото и правната држава, додаде Маневски.

Ненад Марковиќ од Институтот за демократија „Societas Civilas“ рече дека владеењето на правото е рамка која е далеку поширока од рамката на правната држава, вклучувајќи дополнителни аспекти на правичност, еднаква важност и примена на законите, како и исклучок од каква било привилегирана позиција за кој било член на државната заедница. - Ова има уште поголема важност ако се земе предвид дека оние кои ги носат законите се најобврзани и да ги почитуваат, додаде тој.

Претседателот на „Транспарентност нулта корупција“ Слаѓана Тасева нагласи дека антикорупциските активности во земјите од Западен Балкан можат да се следат преку повеќе индикатори, а најрелевантен е индикаторот заснован на истражување на репрезентативен примерок на испитаниците од сите држави во регионот. - Глобалниот барометар за корупцијата спроведено од Брима Галуп покажува речиси непроменета слика која се пресликува во повеќе сфери: корупцијата во политиката, во приватниот сектор, во државната администрација и во судството, посочи таа.

Тасева предложи да се подготви закон за заштита на лицата кои сакаат да пријават корупција, каков што има во повеќето земји.

На собирот говореа и директорот на фондацијата „Конрад Аденауер“ Анро Боне, претседателот на собраниската Законодавно-правна комисија Благородна Дулиќ, директорот на Академијата за судии и јавни обвинители Анета Арнаудовска, како и вонредниот професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ - Скопје, Рената Дескоска.

Министерот за правда Михајло Маневски на маргините на собирот одговарајќи на новинарско прашање за екстрадицијата на Јован Вранишковски рече дека Министерството за правда очекува од бугарските власти да одговорат позитивно на барањето на Република Македонија за екстрадиција на Вранишковски, со оглед на постапките кои се водат во државава за сторени казнени дела.

 

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk