Потпишaн Протокол за соработка на Владата, органите на државната управа и државното правобранителство  
     
 

16.12.2010

 
 

(МИА) - Министерот за правда Михајло Маневски и државниот правобранител Оливера Китанова денеска потпишаа Протокол за соработка меѓу Владата, органите на државната управа и државното правобранителство за заштита на имотните интереси и права на Македонија, активно и брзо делување, тогаш кога ќе се направи штета на буџетот.

Со Протоколот се уредува соработката во постапувањето по предмети во кои Државното правобранителство ги застапува органите пред судовите и другите органи во земјата и странство.

Маневски појасни дека со Протоколoт секој орган на државната управа е должен во рок од пет работни дена да го извести Државното правобранителство за определени состојби во врска со имотни права и интереси на надлежниот одрган за да може  правобранителот во рамки на неговите овластување да преземе мерки за заштита на имотните права и интереси.

- Сите државни органи и министерства се должни во рок од пет дена на државниот правобранител да му ги достават сите барани податоци што се однесуваат за заштита на имотните права и интереси на Република Македонија, рече Маневски.

За поефикасна заштита на  имотните права и интереси државата, како што истакна министерот, се стимулира споровите да се решаваат доброволно, односно по пат на медијација доколку е тоа можно. - Многу е поефикасно и поекономично разрешување на споровите по пат на медијација, отколку преку водење на долги постапки, додаде Маневски.

Протоколот содржи и обврска државниот правобранител по добивањето на одлуката во која застапуваниот орган е задолжен со определена обврска, истата со прибавена клаузула за правосилност во рок од 24 часа да ја достави до надлежниот орган заради доброволно исполнување на обврската.

Државниот правобранител Оливера Китанова истакна дека Протоколот се потпишува со цел да се заштити Буџетот на Република Македонија од неоправдани одливи на средства, а со тоа и заштита на имотните права и интереси.

Од мај 2006 година кога се донесе Законот за извршување па се до денеска, како што рече Китанова, во однос на извршно-прекршочните предмети во управна постапка во државниот буџет се внесени 81 милион денари, а во однос на извршно-кривичните предмети 34 милиони денари.

Со Протоколот, како што рече Маневски, се предвидува кога се работи за намирување на парични побарувања кои имаат износ од над еден милион денари, покрај државниот правобранител на судењето да присуствува и претставник од министерството и органот на државната управа.

На новинарско прашање во однос на испитувањето на приватизацијата на претпријатија со општествен капитал, Китанова ги посочи „Фершпед“, „Агроплод“ и „Славија“ како позитивен пример како кога државата ќе ги мобилизира силите може успешно да заврши едно преиспитување на приватизацијата.

- Со правосилна пресуда и претпријатието „Сувенир„ од Самоков веќе има нов газада. Ова се предметите кои ги започнавме и се веруваме дека ќе имаат позитивна завршница согласно доказите со кои разполагаме, додаде таа.

Во Протоколот, како што посочи Китанова, доколку еден предмет оди во несакан правец во однос на Македонија, се предвидува можноста да се извести Владата и ресорното министерств за евентуално правилно судско порамнување, се со цел да не се оштети Буџетот на Република Македонија.

ПРОТОКОЛ ЗА СОРАБОТКА ПОМЕЃУ ВЛАДАТА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА, ОРГАНИТЕ НА ДРЖАВНАТА УПРАВА И ДРЖАВНОТО ПРАВОБРАНИТЕЛСТВО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk