Презентирана ЛДБИС – база на закони и прописи во Министерството за правда  
     
 

27.12.2010

 
 

 (МИА) - Министерот за правда Михајло Маневски на денешната прес-конференција ја презентираше ЛДБИС – база на закони и прописи, донесени од институции на Македонија од 1944 година до денеска.

Податоците од базата, над 20 илјади,  ќе може да се користат преку сајтот на Министерството за правда. Таа е подготвувана неколку години.

- На овој начин се обезбедува брз и ефикасен преглед на сите закони, прописи и акти на Република Македонија од 1944 до денеска, кои се преземени од Службен весник на Република Македонија и се достапни во електронска верзија, појасни Маневски.

Сите лица кои имаат потреба од закон, указ или друг пропис ќе можат да ги најдат во базата на сајтот на Министерството за правда.

Министерот додаде дека податоците во базата секојдневно се ажурираат веднаш по излегувањето на законите, подзаконските акти и прописи во Службен весник на Република Македонија.

Маневски информира дека од 1944 година до денеска се донесено вкупно 20.624 закони, прописи и акти. Во периодот од 2006 до 2010 година донесени се 10.927 закони и други прописи, а во претходниот период од 2002 до 2006 година донесени се 3.783 закони и други прописи. - Тоа значи дека во Македонија од 2006 до 2010 година се спроведува значителна нормативна активност. Се уредуваат законите во согласност со меѓународните стандарди, конвенции и договори, додаде Маневски.

Министерот за правда потенцира дека до денеска на веб страниците на судовите за една година се објавени околу 49.500 пресуди, што посочува на транспарентноста и јавноста во вршењето на судската функција.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk