Нотарската тарифа се намалува за 25,2 отсто  
     
 

27.12.2010

 
 

 (МИА) - Од втората половина на јануари следната година трошоците и наградата за извршена нотарска работа се намалуваат за 25,2 отсто, информира денеска на прес-конференција министерот за правда Михајло Маневски.

Тој посочи дека со намалувањето на нотарската тарифа им се излегува во пресрет на граѓаните , откако претходно беа намалени судските трошоци, а во најава е намалување и на наградата за извршителите.

- Со новата тарифа за 20 проценти се намалуваат трошоците за вршењето на нотарските работи во оставинската постапка, намалени се судските такси за 20 проценти, а се очекува и намалување на тарифата за работата на извршителите, рече Маневски.

Нотарската комора, како што истакна нејзиниот претседател Златко Николовски, како дел од правосудството  имаше слух и се приклучи кон заложбите на Владата во овие кризни времиња да се помогне и да  се олесни пристапот до правдата за граѓаните.

- Улогата на нотарот е двојствена. Од една страна тој е државен службеник кога се во прашање надлежностите бидејќи нотарот работи исклучиво со надлежности кои му се доверени од државата, а од друга страна во однос на приходите и расходите е приватен претприемач, бидејќи државата не одговара материјално за евентуалните грешки на нотарот, туку тој самиот, рече Николовски.

Во контекст на тоа, додаде дека, наградата на нотарот која се наплатува од граѓаните  е единствен приход за функционирање на нотарската канцеларија.

Нотаријатот во државава функционира од 1996 година кога е донесен Законот за вршење на нотарските работи, а новиот Закон за нотаријатот е донесен во 2007 година.

Во Македонија  во нотаријатот работат 517 лица, од кои 172 нотари, 13 нотарски помошници, 55 стручни соработници, 120 нотарски приправници и околу 157 административни работници.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk