Прес- Маневски: Од избирачкиот список ќе бидат отстранети 14.934 починати лица  
     
 

29.12.2010

 
 

МИА - Во сите општини во Македонија од 1980 до 2010 година во матичните книги на починатите не била евидентирана смртта на 14.934 лица. Нивните матични броеви кои биле во избирачкиот список ќе бидат отстранети, изјави на денешната прес-конференција министерот за правда Михајло Маневски.

Министерството за правда проверката на матичните книги на починатите за овој 30-годишен период ја спроведе од 1 јуни до 31 октомври 2010 година во 28 града во државата.

- Од извршените проверки во општините е утврдено дека не е евидентирана смртта на 10.363 лица кои што починале, но не се евидентирани како починати во матичните книги. Исто така биле проверени и матичните книги на родените при што било утврдено дека не е евидентирана смртта на 2.783 лица, рече Маневски.

Тој најави дека од 1 јануари до 31 мај 2011 година ќе се врши проверка во матичните книги на родените и на умрените за периодот од 1950 до 1980 година.

-  Со оглед на тоа што во проверките во периодот од 1980 до 2010 година се утврди дека има починати лица чија смрт не е евидентирана во соодветните книги тоа значи дека треба да се вратиме уште 30 години и да направиме соодветна проверка според утврдената методологија, истакна министерот за правда.

Проверката на матичните книги од 1950 до 1980 година, според Маневски, ќе оди бавно бидејќи матичните книги во тој период се воделе рачно, а не како  во последните години електронски.

Тој додаде дека во книгите на родените има посебна графа каде е заведено дали лицето починало, што значи и врз овие книги ќе се врши детален преглед.

Говорејќи за работниот текст за Изборниот законик, Маневски рече дека во ноември ја помина јавната расправа и сугестиите и мислењата од расправата се вградени во Предлог законот.

- Забелешките и сугестиите кои се искажани на јавната расправа се вградени во текстот на Изборниот законик, кој е доставен до сите политички партии на мислење, рече Маневски и додаде дека досега се доставени мислења од Министерството за правда, ДИК, Управниот суд, МВР, МНР, Секретаријатот за европски прашања и од две политички партии.

- Очекуваме да добиеме поголем број мислења од политичките партии за да ги согледаме нивните сугестии во врска со текстот на измените и дополнувањата на Изборниот законик. Текстот на законикот е доставен и до ОБСЕ/ОДИХР и очекуваме кон крајот на јануари 2011 година да добиеме соодветно мислење, нагласи Маневски.

Изборниот законик се очекува да влезе во владина процедура по добивањето на мислењата од ОБСЕ/ОДИХР кон крајот на јануари идната година и по добивањето на мислењето на политичките партии и на државните органи вклучени во изборниот процес да се усогласи а потоа да оди во владина и во собраниска процедура.

Одговарајќи на новинарско прашање за гласањето за пратенички места од помалите етнички заедници, Маневски рече дека тоа прашање е отворено и бара целосен политички консензус затоа што Изборниот законик се донесува за да ги задоволи мислењата и стандардите на сите субјекти.

Во врска со забелешките за составувањето на избирачките органи кои ќе ги спроведуваат изборите во дијаспората, Маневски рече дека тоа ќе биде уредено на ист начин како што ќе биде и во Македонија.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk