Интервју на министерот за правда Михајло Маневски за Македонска информативна агенција (МИА)  
     
 

30.12.2010

 
 

(МИА) – Ако 2010 година беше година на заокружување на правната рамка во спроведувањето на судските реформи со донесувањето на пакет закони, тогаш 2011 ќе биде година на примена на законите, истакна министерот за правда Михајло Маневски во интервјуто за МИА.

- Ќе ги преземеме сите мерки и средства за доследна имплементација на донесените закони. Во тек се  подготовките за примена на Законот за парнична постапка, на Законот за кривична постапка, а се подготвува и една студија за воведување информатичка технологија во обвинителствата, рече Маневски.

Говорејќи за опремувањето на судниците, тој рече дека новина е воведувањето снимање на судските процеси.

- Судиите повеќе нема да ги диктираат записниците, туку се ќе биде снимено. Од јануари почнува опремувањето на 80 судници со таква технологија. Во текот на наредната година ќе настојуваме да ги опремиме сите судници и кривичните и граѓанските, бидејќи тоа е многу поефикасно и многу поекономично. Ако на судијата сега му е потребно еден час за да го распраша тужениот и уште толку време за да го напише записник, со снимањето ќе се скрати времето и судиите ќе бидат попродуктивни во завршување на постапките, додаде тој.

Министерот најави зголемување на бројот на судската служба. - Во судовите има 670 судии и околу  330 стручни соработници или советници. Настојуваме во наредните четири години за секој судија да биде обезбеден судски стручен соработник со што ќе се зајакнат капацитетите на овие институции, рече Маневски.

Во аналите на судството 2010 година, како што истакна, ќе биде запишана со златни букви затоа што како никогаш досега не биле направени толку напори за решавање на просторните и други услови во судовите.

- Во 2011 година очекуваме да приврши изградбата на новиот кривичен суд, на зградата на јавните обвинителства, на уставниот суд, а од 1 јули следната година се исполнува и обврската од уставниот амандман, каде што се наведува дека секоја одлука има право на жалба, односно се обезбедува двостепеност во решавањето на предметите. Против одлуките на Управниот суд ќе може да се поднесе жалба до новиот Виш управен суд, со што ќе се растовари работата на  Врховниот суд, појасни Маневски.

Министерството за правда во 2010 година, според министерот, постигна најзначајни резултати на полето на реформите на судскиот систем во Македонија. - Оваа година е плодна бидејќи се донесени неколку темелни закони од областа на судството со кои се гарантира самостојноста, независноста и ефикасноста на судскиот систем, истакна Маневски.

Со донесувањето на Законот за Академијата за обука на судии и јавни обвинители, кој значи реформа во функцијата при изборот и едукацијата на кандидатите за судии и јавни обвинители, од 1 јануари 2013 година се предвидува изборот на кандидати за судии и обвинители  да се врши од лицата кои ја завршиле Академијата.

- Донесени се темелните закони кои не се закони што за краток временски период треба да постигнат определени ефекти, а потоа тој ефект да се изгуби,  туку се на долгорочна основа. Станува збор за измените и дополнувањата на Законот за судовите, на Законот за Судскиот совет, на Законот за судскиот буџет, на Законот за управните спорови, на Законот за парничната постапка, а најкрупен проект е донесувањето на новиот Закон за кривична постапка, рече министерот.

Законот за судовите, како што додаде, воведува едно ново начело на транспарентност, што значи отворање на судовите кон јавноста. - Во секој суд треба да се отвори канцеларија за односи со јавноста и секој суд е обврзан во рок од два дена од изготвувањето на пресудата истата да ја објави на својата веб страница. Тоа значи дека судството се отвора кон граѓаните, кон институциите, кон јавноста и на тој начин јакне неговата одговорност и отчетност. Така изложувајќи се пред очите на јавноста на секој судија нема да му биде сеедно каква пресуда донел, каков е квалитетот на таа одлука, што пак е основа за оценување на работата на судиите, додаде Маневски.

- Законите се носат за да се спроведуваат, а судските пресуди за да се извршуваат. Донесувањето на законите е цврста брана со цел судските предмети да не траат со години и граѓаните да не бидат постојано малтретирани, по 10, 15 и 20 пати да бидат повикувани во судовите и на крајот во некои случаи да не се одлучи по предметот, што дава една лоша слика за судството, рече министерот за правда.

Во тој контекст додаде дека Законот за парнична постапка пропишува во рок од 8 дена по примањето на тужбата по неа да се постапи, а подготвителното рочиште да се закаже во рок од 45 дена. - Со тоа се оневозможува, како што беше досега, да се одложи судењето на неопределено време, односно за неколку месеци, една година или предметот да се заборави. Законот исто така пропишува второстепениот суд да мора да одлучи по жалба во рок од шест месеци, а Врховниот суд пак треба да одлучи по ревизијата во рок од осум месеци, појасни министерот.

Во Македонија, рече Маневски, имаше случаи каде што еден жалбен предмет од основниот суд до апелацискиот суд, од првиот до третиот кат во иста зграда патуваше една година. - Сега Законот пропишува во рок од три дена од кога ќе бидат комплетирани списите да мора да бидат доставени до повисокиот суд, а пресудата да биде изготвена во рок од 15 дена и тука нема никакви отстапки од сето тоа, додаде тој.

Говорејќи за затворскиот систем во државава, Маневски рече дека Република Македонија веќе е на патот ефикасно да го реши проблемот со затворите, бидејќи како никогаш досега се издвоени 52 милиони евра за изградба на нови затворски капацитети по највисоки стандарди… - Во КПД „Идризово“ сега има вработено 28 лица медицински персонал, лекари интернисти, стоматолози, гинеколози кои на затворениците им нудат соодветна здравстевна помош, рече Маневски.

За случајот „Бачило“, министерот посочи дека тој не е затворен комплетно додека пресудата не се изврши целосно. - Во овој случај се извршува казната на сите осудени лица, во значаен дел е извршена конфискацијата на имотот, но останува уште да се работи на тој предмет затоа што дел од тие осудени лица се уште не ја извршиле мерката конфискација на имотот, меѓу кои е и Иснифарис Џемаили кој го дал имотот под хипотека со цел најверојатно да се одбегне конфискацијата, но во тек се постапки за раскинување на тие договори за хипотеки, додаде тој.

Маневски се надева дека случајот „Бачило“ како еден синоним на борбата против корупцијата ќе биде успешно завршен од секој аспект и од аспектот на извршување на санкцијата и од аспектот на целосното извршување на конфискацијата на имотот што е изречена од страна на судот кон осудените лица.

- Конфискацијата на имотот е многу значаен инструмент во борбата против корупцијата и организираниот криминал, со цел никој да не може да стекне имот со извршено кривично дело. Секој кој ќе стекне таков имот треба да му биде одземен. Затоа и ние многу се залагаме и во измените на Кривичниот законик се вгради проширена конфискација, конфискација за одредени кривични дела од коруптивен карактер, посебни мерки кои покрај казната за сторителот да се изрече мерка забрана бавење со занимање од една до 10 години. Така законодавството ги вградува стандардите на конвенциите и тоа наидува  на прием од страна на судовите кои се повеќе изрекуваат мерки на конфискација на имотот, додаде тој.

Судовите, како што рече, постапуваат се поефикасно од аспектот на богатење од сторени казниви дела и одземање на сето она што е стекнато со извршеното кривично дело, па така сега имаме случаи во кои е изречена конфискација на имотот од 440 милиони денари, односно околу 6-7 милиони евра.

Министерот за правда посочи дека со измената на Законот за судскиот буџет се обезбедува двојно повеќе средства за во наредните три години за судството.

- Ако сега за функционирањето на судството се обезбедуваат 0,4 проценти од бруто домашниот производ, со Законот се предвидува постепено зголемување во наредните три години од 0,8 проценти од БДП. Двојното зголемување на средствата ќе значи поголема ефикасност во остварување на правата и обврските на судовите во менаџирањето и планирањето на финансиите, а со тоа ќе се зголеми и независноста од извршната власт, истакна Маневски. Во Законот, како што додаде тој, предвидена е одредба во која се вели дека кога ќе се врши ребаланс на буџетот во државата средствата на судскиот буџет да не може да бидат предмет на ребалансот и тие да останат на тоа ниво.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk