Намалена тарифата за награда, надомест и за други трошоци за работа на извршителите  
     
 

14.01.2011

 
 

 (МИА) -Согласно овластувањата од Законот за извршување, Министерството за правда донесе нова тарифа за награда,надомест и за други трошоци за работа на извршителите која во просек е помала за 32,1 отсто од претходната тарифа, донесена од Комората на извршители. Оваа одлука ќе се објави во Службен весник и ќе се применува по 15 дена 

Ова на денешната прес-конференција го соопшти министерот за правда Михајло Маневски, кој истакна дека најголемо намалување на тарифата за работа на извршителите е во цената на администрирање.

- Според досегашната тарифа, цената на администрирање изнесуваше од 10 до 600 евра во зависност од вредноста на главното побарување. Со новата тарифа цената на администрирање на предметите за извршување изнесува од пет до 150 евра, рече Маневски.

Министерот Маневски рече дека најголемо намалување на цената на администрирање и на нагрaдата за реализирање на извршната исправа има кај побарувањата по основ на неплатени или неизвршени комунални услуги од страна на граѓаните. Тука цената на администрирање и на цената на наградата на извршителите изнесува од 55 до 70 отсто во однос на цената на администрирање. Во однос на наградата за реализирање на извршните дејствија, намалувањето на нагрaдата за овие побарувања изнесува од 33 до 83 отсто.

Маневски објасни дека новата тарифа е изготвена по претходни консултации со Комората на извршителите, а биле земени предвид и мислењата искажани од Стопанската комора и од бизнис заедницата.

- Донесувањето на тарифата за награда, надомест и за други трошоци за работа на извршителите е одраз на тековната економска состојба и финансиската моќ на граѓаните и на правните субјекти, и зголемување на довербата на граѓаните во институциите на системот, рече Маневски.

Антонио Коштанов, претседател на Комората на извршители рече дека првата тарифа била донесена во 2006 година и оти не била добро структурирана бидејќи почнувала со барања до 200 евра, во која влегувале и мали барања од 20, 30, 50 или 70 евра. Тој истакна дека новата тарифа треба да се види во пракса колку ќе се применува за граѓаните и за извршителите.

Во Македонија зголемен е бројот на извршителите, од 69 на 132. Во моментов во државата има 79 извршители.  Законот за извршување е донесен 2005 година, а почнал да се применува од 2006 година.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk