Остварена средба: Британскиот амбасадор Н.Е. г. Кристофер Ивон - Mинистерот за правда Михајло Маневски  
     
 

18.01.2011

 
 

Денес (18.01.2011 год.), Амбасадорот на Обединетото кралство на Велика Британија и Северна Ирска во Република Македонија Н.Е. г. Кристофер Ивон и Министерот за правда Маневски, остварија средба во врска со понатамошната соработка помеѓу Министерството за правда и Амбасадата на Обединетото кралство на Велика Британија и Северна Ирска во Република Македонија.

На средбата, се разговараше за нивото на соработка помеѓу Амбасадата и Министерството за правда и за можностите за продлабочување на истата во областите во кои Обединетото кралство на Велика Британија и Северна Ирска би можело да понуди експертска помош.

Министерот Маневски и Н.Е. Амбасадор Ивон се согласија дека соработката  е на високо ниво со можности за продлабочување на истата, особено во областа на пробацијата  и реформата на казнено-поправниот систем во Република Македонија.

Министерот Маневски изрази особена благодарност за сета помош и поддршка пружена од страна на Владата на Обединетото кралство на Велика Британија и Северна Ирска особено во функција на правосудната реформа на Република Македонија.

Министерството за правда особено ја цени соработката и помошта од страна на Амбасадата на Обединетото кралство на Велика Британија и Северна Ирска во Република Македонија во Проектот за подготовка на компаративна правна анализа на постојната законска регулатива и функционирање на пробацијата во земјите од регионот со препорака за нејзино спроведување и спроведувањето на физибилити студија за воспоставување на системот на пробација во Македонија.

Понатаму, соработката би можела да продолжи во форма на вклучување на експерти во понатамошни проекти за подготовка на Законот за пробација, реформа на затворскиот систем, како и во одржување на предавања во Академијата за обука на судии и јавни обвинители во областа на казненото, граѓанското и стопанското право, како и правото на Европската унија – истакна министерот Маневски.

Министерот Маневски го информираше Амбасадорот Ивон за активностите на Министерството за правда во функција на реформа на правосудството и градењето на капацитетите на судовите и казнено-поправните установи во насока на јакнење на независноста и ефикасноста на судството. Така, реализирани се проекти за подобрување на условите и капацитетите на канзнено-поправните и воспитно-поправните установи, планирани се проекти со кој целосно ќе се смени сликата за казнено-поправните установи во република Македонија, донесени се пакет реформски закони,  а  во наредниот период фокусот ќе биде ставен на имплементацијата на новите закони.

Амбасадата на Обединетото кралство на Велика Британија и Северна Ирска во Република Македонија следејќи ја успешната работа на Министерството за правда во правец на реформа на правосудството, е заинтересирано во конкретни области да ја продлабочи соработката со Министерството за правда имајќи предвид дека, како што истакна Амбасадорот Ивон, правосудните реформи претставуваат континуиран процес во сите држави, па и во државите-членки на Европската унија.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk