Отпочна процесот на подготвување на Граѓански законик на Република Македонија  
     
 

20.01.2011

 
 

Владата на Република Македонија на седницата одржана на 28.12.2010 година, донесе Одлука за формирање на Комисија за изготвување на Граѓански законик на Република Македонија, која е објавена во “Службен весник на Република Македонија“ број 4 од 13 јануари 2011 година.

Потпирајќи се на правното наследство и правната историја, како и врз позитивното право, праксата, компаративните искуства и науката, Министерството за правда и Владата на Република Македонија пристапија кон процесот на  подготвување на Граѓанскиот законик.

Кодифицирањето на граѓанското право на Република Македонија има за цел да ја доизгради и стабилизира граѓанско-правната материја како еден од носечките столбови на правниот систем и поредокот во државата, што ќе придонесе во натамошното јакнење на правната сигурност. Пристапувањето кон кодификација и подготвување на Граѓански законик на Република Македонија, е тесно поврзано со суверенитетот на државата и со стабилноста и зрелоста на институциите на системот: на извршната, законодавната и судската власт.

Кодификацијата од нормативно-правен аспект подразбира интегрирање на нормите со кои се уредуваат граѓанско-правните односи во релативно комплексен, комплетен и непротивречен систем, кој постепено, по природа на материјата, се гради во релативно кохерентна функционална и логична целина.

Кодифицираното уредување на стоковно-паричните општествено–економски односи, создава правна сигурност на учесниците во правниот промет, ставајќи им на располагање релативно траен и сигурен збир на систематизирани начела, правни институти и норми, според кои тие, во основа ќе го насочуваат своето сопствено однесување при влегувањето во бројните и чести меѓусебни правни односи.

Кодификацијата има за цел да ја изрази стабилноста и релативната непроменливост на нормите со кои се регулираат граѓанско-правните односи, зајакнувајќи ги начелата на правна  сигурност, совесност и чесност, справедливост, забрана на злоупотреба на субјективните права, еднаквост, автономност, и т.н..

Имајќи предвид дека кодификацијата е исклучително сложен процес, за нејзино остварување неопходни се,  покрај стручното знаење, и бројни други претпоставки како: правни, организациони,финансиски и други.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk