Обраќање на министерот Маневски на неформалниот состанок на Советот за правда и внатрешни работи во Годоло, Република Унгарија  
     
 

21.01.2011

 
 

На Состанокот на министрите за правда и внатрешни работи што се одржува во Годоло,Република Унгарија  министерот Маневски, денеска  се обрати  во рамки на Сесијата за правни прашања на Неформалниот состанок, на темата: “Правосудна обука: како да ја подобриме обуката за правниците во Европската унија”.

            Маневски истакна дека Република Македонија неколку години континуирано работи на севкупната реформа на правосудниот систем. Донесени се голем број на закони со кои се врши усогласување со европските стандарди и меѓународните договори. Паралелно со тоа, фокусот на Владата е концентриран на подобрување на капацитетите на македонските судии и јавни обвинители  рече Маневски.

             Македонската Академија за обука на судии и јавни обвинители е основана во 2006 година, со целосна поддршка на проектот КАРДС, а денес и преку фондовите на ИПА. Основна цел на Академијата е обука на кандидати за избор на судии и јавни обвинители и нивна континуирана обука. Оваа година започна со обука четвртата генерација на кандидати за судии и јавни обвинители истакна Маневски.

Од  јануари 2013 година, според измените во Законот за судови, судии и јавни обвинители во прв степен ќе се избираат исклучиво од редовите на кандидатите од Академијата. Со новиот Закон за академија од 2010 година, се зајакнуваат критериумите за влез во Академијата на најспособните и најквалитетни кадри рече Маневски.

Маневски потенцираше дека Република Македонија е набљудувач во Европската мрежа за правосудна обука од 2008 година. Досега 20 македонски судии и јавни обвинители биле на размена во држави членки на ЕУ, а Република Македонија била домаќин на 20 судии и јавни обвинители од Европа преку оваа мрежа.

Академијата остварува континуирана соработка со Европскиот институт за јавна администрација и со Академијата за европско право истакна Маневски . Во таа смисла рече тој 30 македонски судии и јавни обвинители присуствувале на обуки организирани од овие институции а околу 100 судии и обвинители биле обучувани од нивни експерти.

На крајот на своето излагање министерот Маневски се  заложи за поинтензивна регионална соработка на планот на правосудните обуки, преку националните академии за обука или други институции во   насока  на достигнувањето на стандардот на независно, стручно, европско судство, кое обезбедува владеење на правото.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk