Министерот Маневски прими делегација од Правосудната академија на Турција  
     
 

28.01.2011

 
 

 (МИА) - Министерот за правда Михајло Маневски денеска прими делегација на Правосудната академија на Турција, предводена од претседателот на академијата Хусеин Јилдирим, која се наоѓа во посета на македонската Академија за судии и јавни обвинители.

Целта на посетата е продлабочување на веќе воспоставената континуирана пријателска и тесна соработка меѓу двете Академии. Како прв чекор во таа насока, 9 кандидати од најновата 4-та генерација на Академијата за судии и јавни обвинители, 15 дена ќе се обучуваат и ќе разменуваат искуства со своите колеги во Правосудната академија во Турција.

Министерот Маневски на средбата изрази исклучително задоволство од работата на Академијата, која само пет години од основањето има направено многу за нејзиниот развој.

- Има еден голем потенцијал што е покренат во правосудниот систем во Република Македонија и тој ќе биде во функција на остварување на правата и слободата на граѓаните, за судови кои ќе бидат самостојни, независни и ефикасни, со стручно обучени кадри, судии и обвинители со интегритет и капацитет да се соочат со најсложените предизвици на ова време, нагласи министерот Маневски.

Во Македонија, истакна тој, имаме ефикасни и ажурни судови. Според Маневски, ако ја споредиме 2006 и 2010 година на крајот, сега судовите имаат околу половина милион помалку предмети отколку што имаа во 2006 година. Има подобра работа и организација, а со воведување на електронското судство во голем дел се олеснува работата и ја прави поекономична и поефикасна.

Во 2010 година, информира Маневски, е донесен нов Закон за судии и обвинители, при што се воспостваени високи критериуми за влез во Академијата затоа што со измените во законите за судиите се предвидува од 2013 гдина изборот на судии и јавни обвинители во прв степен да биде само од кандидати кои ќе ја имаат завршено академијата. Во Академијата, појасни Маневски, се обезбедува континуирана обука на судиите и обвинителите меѓу другото преку семинарим, советувања, тркалезни маси, како и студиски посети на европските земји.

Делегацијата на турската Академија беше запозната и со работата на Министерството за правда, при што Маневски ги информира дека се подготвени околу 140 закони од областа на судството, темелни закони за реформи во судскиот систем особено во 2010 година. Се очекува оваа година да почне и нивната имплементација, со што, нагласи минситерот за правда, на долгорочна основа треба да се воспостават темелите на самостојно, ефикасно и независно судство.

Маневски посочи и на измените првично во парничната постапка, а потоа и во кривичната, со кои се предвидува електронска достава, снимање на судските рочишта, а пресудите во рок од два дена од донесувањето ќе мора да бидат објавувани на интернет страниците на судовите. За период од неколку месеци на интернет страниците на судовите се објавени 53 илјади пресуди. Сето тоа, укажа министерот за правда, заедно со отворањето на Канцелариите за односи со јавноста, е за остварување на начелото на транспарентност и јавност на работата на судовите.

Претседателот на турската Академија Јилдирим, укажа дека и двете земји се во процес на реформи во правосудството во насока на полноправно членство во ЕУ. Тој меѓу другото информира дека месецов се очекуваат промени во голем број закони во областа на цивилното право. Со уставните промени во Турција е воведен народниот правобранител, уставната жалба и промена на структурата на Советот на судии и обвинители, информира тој, во насока на зголемување на довербата на граѓаните во правосудниот систем.

- Правосудната академија на Турција има одлична соработка и со Советот на обивнители, на судии, како и со нотарската и адвокатската комора на Турција, така што доколку има потреба за соработка со некои од овие институции, подготвени сме да посредуваме за таа соработка, подвлече Јилдирим.

Во Република Македонија има околу 670 судии, 220 јавни обвинители, кадар кој поминува низ Академијата, а тоа доаѓа до израз во вршењето на нивните работни задачи.

Министерствата за правда на Македонија и на Турција во 2001 година потпишаа протокол за соработка, во чии рамки е извршена и размена на соработка и искуства на судии и јавни обвинители.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk