Координативен состанок за реализација на Акциониот план за Законот за кривичната постапка  
     
 

01.02.2011

 
 

Координативен состанок за реализација на Акциониот план за Законот за кривичната постапка

Денеска во Министерството за правда се одржа шестиот координативен состанок поврзан со реализацијата на Акциониот план за имплементација на Законот за кривична постапка.

Состанокот го отвори министерот за правда Михајло Маневски, а на него присуствуваа државниот секретар на Министерството за правда, претставници на Постојаната мисија на ОБСЕ, претставници на програмата ОПДАТ при Амбасадата на САД во Република Македонија, претседателите на Адвокатската комора, Здружението на судии и Здружението на јавни обвинители и директорот на Академијата за судии и јавни обвинители.

Министерот за правда Михајло Маневски истакна дека активностите предвидени со Акциониот план за имплементација на новиот Закон за кривична постапка течат во рамките на предвидените рокови и динамика. Законот за кривична постапка предвидува темелно менување на постапката согласно европските стандарди и воведување на нови правни инструменти. Од тие причини, министерот истакна дека особен акцент во рамките  на тој процес се дава на обуките за судиите, јавните обвинители, адвокатите и сите останати чинители кои ќе го применуваат законот. Целта е сите субјекти кои ќе го применуваат законот да бидат соодветно обучени.

На состанокот од страна на министерот за правда беше изразена и особената благодарност за поддршката која Министерството за правда и Академијата за судии и јавни обвинители ја добиваат од партнерите на овој процес, во прв ред Мисијата на ОБСЕ, Програмата ОПДАТ, како и Европската комисија.

Во таа насока, на состанокот беше презентирана рамковната програма за обука за Законот за кривична постапка на Академијата за судии и јавни обвинители, која го следи Акциониот план за имплементација на законот и предвидува детален временски и тематски распоред на обуките за сите таргет групи во следните две години.  Програмата предвидува базичната обука за законот за сите судии и јавни обвинители, претставници на правосудната полиција и адвокатите, да заврши до крајот на 2012 година.

Програмата предвидува и студиски посети, изработување на работни материјали за спроведување на обуките, како и изготвување на Практикум за примена на Законот за кривична постапка,  кој ќе содржи примери за постапување по однос на одредени спорни прашања во законот и обрасци за актите кои се изготвуваат во текот на една кривична постапка.

Соработката на Министерството за правда и партнерите за реализација на овој сложен процес со редовно темпо ќе продолжи и во наредниот период.

 –ЗКП – Службен весник на РМ – бр. 150/2010

ЗАКОН ЗА КРИВИЧНАТА ПОСТАПКА, Сл. Весник бр. 150/2010

 

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk