Министерот Маневски се сретна со шефот на Мисијата на ЕУЛЕКС на Косово, Бот де Марњак  
     
 

03.02.2011

 
 

(МИА) - Министерот за правда Михајло Маневски и шефот на Мисијата на ЕУЛЕКС на Косово, Ксавиер Бот де Марњак, на денешната средба во Скопје договориja воспоставување контакт точки во врска со постапката околу исчезнатите лица.

- Таа соработка меѓу ЕУЛЕКС и Министерството за правда ќе биде исклучително корисна заради утврдување факти и околности во врска со ова прашање кое подолго време е присутно во Република Македонија, изјави по средбата Маневски. Двајцата соговорници разговараа и за потребата од натамoшна соработка во областа на кривичната материја, во спречувањето на организираните облици на кривични дела, како што се трговијата со луѓе, трговија со дрога, криумчарње мигранти, трговија со оружје...

- Дел од разговорот беше посветен и на непосредните контакти со институциите, размена на искуства помеѓу ЕУЛЕКС и правосудните органи на Македонија и Косово, воспоставување блиски односи на соработка кои ќе значат ефикасно остварување на слободата и правата на граѓаните и владеењето на правото, подвлече македонскиот министер за правда.

На средбата беа детектирани прашања кои ќе бидат од интерес за соработка во наредниот период меѓу министерствата за правда на Македонија и на Косово.

- Меѓу двете министерства веќе се утврдени три нацрт договори за соработка. Нацрт договорот за соработка во меѓународната правна помиш, Нацрт договорот за трансфер на осудените лица и Нацрт договорот за екстрадиција. Овие договори се подготвени и се очекува со формирањето на владата на Република Косово да бидат парафирани од стручните лица и да бидат потпишани од министрите за правда, рече Маневски.

Де Марњак и Маневски разговараа и за склучување на договор меѓу Македонија и Косово за соработка во граѓанската материја.

- Со оглед на тоа дека има високо развиени односи на соработка во таа област, каде има подпрашања за текот за разрешување на имотните права, имотните односи, семејните односи, односите меѓу родителите и децата и констатиравме дека е неопходно да се обезбеди комуникација и еден договор кој ќе ја регулира граѓанската материја, појасни Маневски.

Шефот на Мисијата на ЕУЛЕКС на Косово рече дека на средбата со македонскиот министер за правда констатирале дека од двете страни на границата има заеднички интерес во областа на правосудството и владеење на правото. - Интересот на оваа средба беше да се создадат подобри односи на комуникација, така што идната соработка да може да се преточи во конкретни прашања, додаде Де Марњак.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
-->
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk