Министерот Маневски го посети Основниот суд во Битола  
     
 

04.02.2011

 
 

(МИА) - Министерот за правда Михајло Маневски денеска го посети Основниот суд во Битола, каде што е во тек реновирање на судската зграда и опремување на судот.

Со реновирањето се создава подобро организиран и фунционален шалтерски простор за сместување на вработените од сите одделенија во писарницата.  Се гради лифт, кој ќе овозможи подобра комуникациска поврзаност помеѓу приземјето, трите ката и поткровјето на Основен суд Битола, извршена е замена на сите прозорци на приземјето кои се заменети со алуминиумски фасадни прозорци изработени од елоксирани алуминиумски профили со термички мост и застаклени со термопан стакло и други градежни зафати.

- Инвестициите направени во последните три-четири години се поголеми од се што се направило во последните 30-40 години, односно долго време не се вложувало во судовите во Македонија за подобрување на условите за работа. Тие сега ќе бидат подготвени и за новите функции на судовите кои произлегуваат од новите законски решенија каков што е Законот за парнична постапка кој ќе стапи на сила на 1 септември 2011 година и со кој престанува диктирањето на записниците и ќе се врши електронско снимање на расправите, електронска покана и други новитети, истакна министерот Маневски за време на денешната посета на Основниот суд-Битола.

Според податоците на Министерството за правда судовите во Македонија во последниот период постигнале значајни резултати и напредок во решавањето на предметите од нивна надлежност.

- Ако на крајот на 2006 година во сите судови во Македонија имаше еден милион нерешени предмети, сега на крајот од 2010 година тој број е намален и изнесува околу 490.000 предмети. Основниот суд-Битола во 2006 година имаше 61.160 нерешени предмети, а сега е сведен на само 21.000 предмети што претставува исклучителен ангажман на судиите, посочи министерот Маневски на средбата со новинарите во Битола.

Со реализација на проектот за правна и правосудна имплементација и институционална поддршка при Министерството за правда, во изминатите четири години реализирани се голем број на активности во насока на реновирање на сите 11 основни судови со проширена надлежност и Судскиот Совет на Република Македонија, а следната година ќе биде завршена изградбата и на Кривичниот суд во Скопје кој е на површина од 9.000 квадратни метри, беше истакнато за време на денешниот престој на министерот за правда во Битола.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk