Маневски: Судството има капацитет да ги одбие сите влијанија и притисоци  
     
 

04.02.2011

 
 

(МИА) - Министерот за правда Михајло Маневски денеска го посети Основниот суд-Битола, каде беше запознат со реализацијата на Проектот за правна и правосудна имплементација и институционална поддршка.

За време на престојот во Битола, Маневски имаше средба со претседателите на основните судови од битолското Апелациско подрачје, како и со претставниците на средствата за јавно информирање и притоа посочи дека во последниве денови судството во Македонија е изложено на големи влијанија и притисоци.

- Се злоупотребува еден настан за кој јас изразувам жалење и се користи за други цели. Се јавуваат поединци, групи и наводни експерти кои што си замаат за право да им судат на судиите за донесена судска одлука, а законитоста на една судска одлука може да се испитува само во жалбена постапка во согласност со закон. Судството има капацитет да ги одбие сите влијанија и пристисоци, и јас апелирам до сите да ги остават судовите и судиите да си ја вршат својата работа за секој случај и во секоја прилика поврзани со вршењето на судската функција, порача Маневски.

Министерот за правда потсети дека во 2010 година во Македонија беа донесени темелни реформски закони кои што ја гарантираат самостојноста и независноста на судската власт.

- Мојата обврска е да стојам на браникот на Уставот, на браникот на законите во интерес на остварувањето на правата и слободите на граѓаните и тие да живеат во држава во која владеат Уставот и законите, посочи Маневски на прес-конференцијата во Основниот суд-Битола.

На новинарско прашање во врска со можностите за формирање на посебен стручен тим од Министерството за правда за анализа на судската постапка во случајот „Пајажина“, министерот Маневски рече:

-„Согласно законот за Судскиот Совет на Република Македонија и согласно Уставот, Судскиот Совет ја гарантира самостојноста и независноста на судската власт. Во овој случај само Судскиот Совет на Република Македонија може да поведе постапка и да ја испитува стручноста или совесноста во вршењето на судската функција. Министерот за правда такви овластувања нема, министерот за правда ниту донесува решенија за притвор ниту за замена за притвор. Судскиот Совет е тој што стои на чело на судската власт, одговори министерот за правда во Владата на Република Македонија, Михајло Маневски.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk