Избирачкиот список е целосно прочистен и е сосема функционален  
     
 

08.02.2011

 
 

(МИА) - Избирачкиот список е целосно прочистен, ја рефлектира реалната слика и е сосема функционален, објави денеска министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на прес-конференција заедно со министерот за правда Михајло Маневски и преседателот на ДИК Александар Новаковски.

Според извршените проверки во матичните книги за родени и умрени во периодот од 1980 до 2010 година утврдено е дека не биле внесени како починати 14.983 лица од кои 66 проценти односно 8.685 се државјани на Република Македонија.

Ова е дефинитивниот одговор на прочистување на избирачкиот список, изјави Јанкулоска која на прес-конференцијата објасни како е извршена проверката и прочистувањето на овие книги. Проверени се матичните книги и целосно прочистени списоци во 1.674 населени места, односно 28 града во земјата.

Министерот за правда Михајло Маневски најави дека Владата донела одлука да се направи проверка и на матичните книги за родени и умрени и за периодот од 1950 до 1980 година и оти оваа операција би требало да заврши до крајот на март оваа година.

- Ќе бидат проверени сите податоци содржани во овие книги. Ова, како што оцени министерот, е најтемелното прочистување на избирачкиот список воопшто во земјава. Измените и дополнувањата на Избирачкиот законик се се уште во постапка на разгледување.

Маневски информираше дека до крајот на минатата година до Министерството за правда се доставени мислења од повеќе институции, министерства и политички партии во врска со измените. Според Маневски, во донесувањето на измените на Изборниот законик е обезбедена широка транспарентност и оти со нив ќе бидат задоволени критериумите и препораките на ОБСЕ, но и за одржување на фер и демократски избори.

ДИК, според претседателот Новаковски, очекува да се имплементираат измените на Изборниот законик. - Долго време се работеше на овие измени и со нив треба да ја подобриме добрата изборна рамка што ја има во Република Македонија, рече Новаковски.

Новаковски вели дека со овој Избирачки список може да се оди на избори и оти со ваков список се реализираа и локалните избори во Зајас во 2010 година, но оти сепак потребна е и довербата од другите учесници во изборниот процес.

Вкупниот број на лица запишани во Избирачкиот список во Република Македонија до 2010 изнесува 1.792.600 гласачи.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk