Средба Маневски - Маршал: Македонските граѓани веруваат дека Владата ефективно се бори против корупцијата  
     
 

17.02.2011

 
 

 (МИА) - Македонија има постигнато голем напредок во борбата против корупцијата што може да се види од напредокот во индексот на перцепција на корупцијата, но и од позитивната оценка што граѓаните и ја даваат на Владата за сработеното во оваа сфера, смета заменик директорот на Transparency International Миклош Маршал.

 - Фактите се јасни. Македонија има постигнато голем напредок во индексот на перцепција на корупцијата, но и во поголемиот дел други индекси. Особено е важно тоа што за разлика од другите земји, во кои граѓаните се скептични за перформансите на нивните влади, во Македонија тие и даваат подобри оценки, односно веруваат дека Владата е релативно ефективна во борбата против корупцијата. Секако не треба да се заборави дека има уште да се работи на решавање на одредени проблеми, но гледано од надворешна перспектива Македонија е често цитирана како успешна приказна меѓу поранешните комунистички земји, изјави Маршал по средбата со министерот за правда Михајло Маневски во Скопје.

Тој е задоволен од соработката со Владата која, како што рече, ја охрабруваат да соработува со цивилниот сектор, да работи и натаму сериозно на проблемот со финансирањето на политичките партии, во што, според него лежи клучниот проблем со корупцијата.

Процесот, смета Маршал, треба да биде транспарентен, да има добра регулатива од каде доаѓаат парите, како се трошат, а треба да има и независно тело кое ќе го набљудува.

Министерот Маневски по средбата истакна оти Маршал му ги пренел позитивните оценки за борбата против корупцијата и за чекорите кои се преземаат за подобрување на состојбите во оваа сфера.

- Македонија напредува во борбата против корупцијата, во сите области и тоа во правната рамка која е заокружена и оценета како мошне добра. Направен е и прогрес  во правната рамка за финасирањето на политичките партии. Тоа значи дека Македонија има добра правна основа за спроведување истраги и за спречување на корупцијата воопшто и во работењето на политичките партии, истакна министерот Маневски.

Според него, континуираната борба и определбата за спречување на корупцијата се потврдува и со тоа што Македонија изградила институции и капацитети во тие институции.

- Покрај тоа што имаме добра законска рамка, ги имаме и потребните институции кои Македонија ги изгради, како посебно ЈО за гонење организиран криминал, посебен оддел во Основниот суд, во полиција, царина и финансиска полиција, а ги зајакнавме и капацитетите на тие институции, вели министерот за правда.

Показател за успешната борба против корупцијата, додава Маневски, се и резултатите кои се постигнати.

- Резултатите се континуирани и евидентни. Според перцепцијата на индексот на корупцијата Македонија од незавидно 105 место во 2006 година направи голем исчекор со тоа што во 2010 е рангирана на 62 место. Тоа е тој барометар на корупцијата на Transparency International кој ни дава за право да кажеме дека водиме успешна и континуирана политика во борбата против корупцијата, истакна министерот за правда Михајло Маневски.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk