Средба на министерот за правда Маневски со државните правобранители  
     
 

18.02.2011

 
 

Денеска, министерот за правда Маневски оствари средба со Државниот правобранител на Република Македонија Оливера Китанова, на која присуствуваа и државните правобранители од подрачните одделенија на Државното правобранителство на Република Македонија.

Министерот за правда им порача на присутните државни правобранители од сите 15 подрачни одделенија, да се преземаат сите средства и инструменти за ефикасна заштита на имотот на Република Македонија, бидејќи, како што истакна тој, никој нема право да присвојува туѓ имот и имот на државата.

Државното правобранителство на Република Македонија ги има сите правни инструменти за заштита на државните имотно-правни интерси, кои се обезбедени особено со донесените нови реформски закони чии одредби спречуваат одолговлекување на судските постапки, а го промовираат и начелото за транспарентност.

Министерот за правда нагласи дека Државното правобранителство зема сè позначајно место во правниот систем и дека постигнува се позначајни резултати во заштитата на имотно-правните интереси на Република Македонија. Од страна на министерот за правда беа посочени примери на тешки случаи на узурпација на државен имот, случаи на незаконити и неосновани исплати од периодот 2002-2006 година, за кои државните правобранители не вложиле ни жалби по пресудите. Од страна на министерот за правда беа истакнати случаите на нелегалните исплати од страна на Министерството за одбрана во периодот од 2002 до 2006 година, како случајот во кој беа исплатени 700 000 евра на овчарот Џемаили. Понатаму, министерот за правда го истакна случајот на кражба на Офицерскиот дом во Велес - зграда и дворно место со површина од над 800м2 во центарот на Велес и со вредност од над 1 милион евра, кој е веќе вратен во државна сопственост. Исто така, беше споменат и случајот на исплата на 500 000 евра за нелегални градби.

 Владата на Република Македонија придава исклучително значење на функцијата на Државното правобранителство на Република Македонија, заради што обезбедува просторни, материјални и кадровски услови за успешно функционирање. За поефикасна заштита на  имотните права и интереси државата потпишан е Протокол за соработка меѓу Владата, органите на државната управа и државното правобранителство, со цел активно и брзо делување, тогаш кога ќе се направи штета на буџетот. Со Протоколот се уредува соработката во постапувањето по предмети во кои Државното правобранителство ги застапува органите пред судовите и другите органи во земјата и странство.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
-->
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk