Презентирана нова интернет апликација Е-шалтер на Агенцијата за катастар на недвижности  
     
 

25.02.2011

 
 

Со апликацијата Е-шалтер која се отвора преку интернет страницата www.katastar.gov.mk, во делот за професионални корисници се овозможува испраќање на барање за податоци и пријави за промени, како и добивање на потребните податоци по електронски пат.

Вицепремиерот Владимир Пешевски на денешната презентација посочи дека воведувањето на Е-шалтерот значи придобивка за граѓаните и за приватниот сектор во делот на подобрување на ефикасноста, транспарентноста и сигурноста на трансакциите.

Со имплементирањето на Е-шалтерот се намалуваат трошоците за граѓаните, се скратува времето за завршување на една трансакција, се намалуваат пријавите на шалтер до 40 отсто, пријавите и барањата се испраќаат од својата канцеларија, а доставата на бараните податоци и потврди се врши по електронски пат.

- Со реформите во Катастарот бројот на трансакции кои годишно се одвиваа во оваа институција во 2005-2006 година беше околу 330.000. Во 2010 година оваа бројка достигна 840.000 трансакции. Значи во период од неколку години двојно е зголемен бројот на трансакции што е резултат на реформите, посочи Пешевски.

Електронското поврзување, како што посочи вицепремиерот, во почетокот ќе биде за професионалните корисници, односно за нотарите со што ќе им се овозможи на граѓаните и сите кои прават трансакции со недвижности наместо да  одат до Агенцијата за катастар од нотарската канцеларија преку соодветен пристап до базата на податоци во Катастарот да може да се изврши трансакцијата.

Пешевски рече дека овој систем е отворен да се поврзуваат и на другите професионални корисници како што се банките, извршителите и сите кои имаат потреба од секојдневно користење на услугите на Катастарот. Тој додаде дека се работи на тоа во текот на наредната година и граѓаните да можат од дома преку својот компјутер да добијат имотен лист.

Веродостојноста на документите се потврдува со електронски потпис издаден од овластен издавач. Надоместокот на услугата и административната такса се плаќа со платежна картичка преку виртуелен ПОС терминал.

За користење на оваа услуга, професионалните корисници треба да склучат договор со Агенцијата и да обезбедат соодветна техничка опрема - скенер, дигитален потпис издаден од овластен издавач, платежна картичка и пристап до интернет.

Преку Е-шалтерот професионалните корисниции граѓаните, како крајни корисници на услугите ќе можат да  ја реализираат саканата трансакција со недвижностите и истата да ја евидентираат во јавната книга на брз, ефикасен и сигурен начин, без лично да се појават на шалтерот на Агенцијата за катастар на недвижности.

Министерот за правда Михајло Маневски рече дека електронскиот шалтер е најголемата превентивна брана против корупцијата. - Ако порано за да се извади еден имотен лист во Катастарот беа потребни денови или месеци, како и врски за да се добие тој документ сега тоа го има во регистарот и секој може сам да си провери, додаде Маневски.

Министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски посочи дека заложбата на Владата на Република Македонија е да се направи администрација која ќе биде услужно ориентирана, пред се за услугите кои ги нуди државата за граѓаните.

Тој рече дека услугата на Е-шалтерот е достапна секаде каде што е воведен електронски катастар, односно во Скопје, Неготино и Кавадарци и оти следува воведување во Кратово, Пробиштип, Свети Николе, Крива Паланка и Куманово. До крајот на 2011 година Е-катастар ќе биде имплементиран низ целата територија на Македонија.

Претседателот на Нотарската комора на Република Македонија Златко Николовски нагласи дека  воведувањето на Е-шалтерот е голем чекор во правец на модернизација на катастарот на недвижности, туку и битно зголемување на брзината и сигурноста на уписот на соодветните податоци.

Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности Љупчо Георгиевски одговарајќи на новинарско прашање рече дека цената на услугите за катастарот по електронски пат е иста како и кога граѓаните би побарале услуга на шалтер, односно 125 денари за имотниот лист и 50 денари за таксена марка.

Георгиевски посочи дека со воведувањето на Е-шалтерот нема да има вишок на вработени. - Старосната граница на вработените е малку повисока, така што нема да има т.н. технолошки вишок, додаде тој.

Проектот за новата интернет апликација Е-шалтер е започнат пред шест месеци, финансиран е од Агенцијата за катастар на недвижности, а е работена по примерот на холандскиот катастар.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk